НЕ СПРЕЧИЛЕ ПАЛЕЊЕ ФАКЕЛИ, ВНЕСУВАЛЕ НЕТОЧНИ ПОДАТОЦИ, НЕОСНОВАНО ДАВАЛЕ ДОЗВОЛИ… Покренати обвиненија за 13 полициски службеници во случајот „Пулс“
Во однос на уште 7 полициски службеници, истражната постапка е запрена поради ненадлежност на ОЈО ГОКК за дела пред 2018 година, па за тој период предметите се проследени до основното обвинителство Кочани.
Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија соопшти дека, по спроведени темелни истражни постапки е поднесено обвинение против вкупно 13 полициски службеници во врска со пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 220 беа повредени.
По истрагата која опфати вкупно 27 полициски службеници, обвинителството реши 13 од нив да се гонат за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури.
На критичната вечер, дел од обвинетите биле присутни во објектот, но не презеле соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту спречиле активирање на пиротехничка опрема, иако таа не била пријавена. Како последица на несоодветните услови за работа и пропустите при контролата, избувнал пожарот со катастрофални последици.
Дополнително, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен предлог и против
9 полициски службеници за злоупотреба на службената положба и овластување. Тие, според обвинителството, овозможиле кабарето „Пулс“ да добие лиценца во 2022 и 2023 година, иако не ги исполнувало законските услови, со што била прибавена значителна имотна корист.
„За тројца полициски службеници е поднесен обвинителен предлог. При изготвување на записниците за извршена контрола во клубот, во кои констатирале сторени прекршоци против јавниот ред и мир, внеле неточни податоци за правното и одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивното правно лице и физично лице со намера активното правно лице да прибави имотна корист“, велат од ОЈО-ГОКК.
Во однос на уште 7 полициски службеници, истражната постапка е запрена.
„Утврдено е дека на повеќе полициски службеници им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 година до 2022 година. Имајќи предвид дека надлежноста на специјализираниото одделение (ОЈО-ГОКК) е воспоставена во 2018 година, предмет на кривично правна оценка во оваа постапка беа само за дејствијата преземени од 2019 година до 2022 година, додека за останатите предметот е испратен на надлежно постапување во Кочани“, додаваат од ОЈО-ГОКК.
При истрагата е утврдено дека нивните овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарни мерки, туку за проверка на сообраќајната безбедност и паркинг просторот на објектот. Поради тоа, Обвинителството смета дека овие полициски службеници не можат да се гонат за смртните последици од пожарот, туку за друго кривично дело, односно за злоупотреба на службената положба.
Во текот на истрагата беше донесена и Наредба за запирање на истражна постапка за еден починат полициски службеник.
За сите обвинети остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката, до конечна одлука на надлежниот суд.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.