НЕ СПИЈТЕ, НЀ ПОГОДИ СИЛНА ОЛУЈА И ПАК МОЖЕ ДА НЀ ПОГОДИ! Славчо Попоски предупредува денеска и во следните денови да бидеме на штрек
Вчера во Скопје се случи судир на две воздушни маси. Потоплата од југ и постудената од север. Токму поради ова дојде до формирање на олуен систем и истиот го зафати Скопскиот регион и доведе до интензивен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и појава на град.
Во текот на вчерашниот ден Скопје го зафати страшно невреме кое ги паралиризираше градот и движењето во него. Поплавени многу улици и домови, паднати дрва, оштетени автомобили… Скопјани денеска пријавуваа штети и бараа помош од надлежните.
Но, што точно се случи вчера? Како дојде до вакво страшно невреме?
Плусинфо го контактираше метеорологот Славчо Попоски и од него побара објаснување.
– Нашата територија се наоѓа под влијание на изразено влажна и нестабилна воздушна маса. Вчера во Скопје се случи судир на две воздушни маси. Потоплата од југ и постудената од север. Токму поради ова дојде до формирање на олуен систем и истиот го зафати Скопскиот регион и доведе до интензивен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и појава на град – вели Попоски за Плусинфо.
Тој додава дека олујниот систем бил толку моќен што успеа да поплави голем дел од Скопската котлина.
Според прогнозата на Попоски, слично време, поточно опасност од ново невреме, има и денес, како и во следните неколку денови.
– Поради најавите дека вакво невреме може да се случи денеска и во следните денови, ги повикувам граѓаните да бидат крајно претпазливи. Исто така, ги повикувам и надлежните да бидат подготвени за евентуална временска непогода и навреме да реагираат и да им излезат во пресрет на скопјани – апелира Попоски.
Од УХРМ за Плусинфо информираат дека во текот на вчерашниот ден во Скопската котлина беа регистрирани значително високи количества на врнежи проследени со олуен ветер, грмотевици и локална појава на град и суградица, кои предизвикаа штети и поплави во градското подрачје.
– На автоматските и дождомерните метеоролошки станици во Скопје и во околината, кои се дел на метеоролошкиот набљудувачки систем на Управата за хидрометеоролошки работи (Главна метеоролошка станица – Скопје Зајчев Рид, Гази Баба, Карпош, Црешево и дождомерните станици Лисиче и Ѓорче Петров) вкупното количество на измерени врнежи изнесува: Гази Баба 35 литри на 1 метар квадратен, Црешево 25 литри, Лисиче 20 литри , Скопје Зајчев Рид 8литри, Карпош 6 литри, Ѓорче Петров 3 литри – велат од Управата.
Оттаму додаваат дека локално врнежите беа со силен интензитет, така што во Гази Баба за два часа наврнаа 33 литри на 1 метар квадратрен, во Лисиче 20 литри и во Црешево 25 литри Во прилог е график со десетоминутни количини на врнежи регистрирани на автоматските метеоролошки станици.

Максималната брзина на ветер е регистрирана на Скопје Зајчев Рид во 16:10 часот од источен правец и изнесува 18,7 метри во секунда или повеќе од 65 километри на час.
Според историските мерења и статистички истражувања на интензивните врнежи со кусо траење, изработени во УХМР, просечната повторливост на ваков настан е еднаш во две до пет години.