НЕ СОПРЕЛ И ПОКРАЈ СУДСКАТА ЗАБРАНА Охриѓанец осомничен за 3 дела поврзани со семејно насилство
Обвинителството поведе постапка против 45-годишен охриѓанец за насилство врз дете и закани кон сопругата. Побаран е притвор поради ризик од повторување и непочитување на судските мерки.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против 45-годишен охриѓанец. Осомничен е за три кривични дела поврзани со семејно насилство. Обвинителството бара притвор поради ризик од повторување на делата и од можност за бегство.
Станува збор за делата телесна повреда, загрозување на сигурноста и неизвршување на судска одлука.
На 24 март во семејниот дом осомничениот физички го нападнал својот 10-годишен син удирајќи го со тупаници, шамари и клоци. Во еден момент го фатил за коса и го подигнал од подот. Насилството било брутално и продолжено.
Покрај физичкото насилство, подолг период упатувал сериозни закани. Со тоа ја загрозил сигурноста на сопругата.
„Ваквото семејно насилство осомничениот го вршел иако имал активно изречени судски мерки за заштита“, соопшти обвинителството.