НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИЗЕДНАЧАТ ЦИГАРИТЕ И АЛТЕРНАТИВНИТЕ НИКОТИНСКИ ПРОИЗВОДИ Научниците контра комесарот Вархеји

Ние не тврдиме дека овие производи се „безбедни“ или „безопасни“, туку само дека тие се, без никакво сомневање, многу помалку штетни од цигарите, пишуваат истражувачи од познати институции.

108

Голем број европски научници остро реагираа на изјави на еврокомесарот за здравство Оливер Вархеји. Неговата намера е во новите политики на Унијата поврзани со пушењето, да ги изедначи даноците предвидени за цигарите и за алтернативните никотински производи, како што се никотинските ќесички, вејповите и уредите на загревање. Дел од државите пак, ја стимулираат употребата на алтернативните производи за пушачите да се откажат од користењето на цигари. Поради ова, 23 експерти ѝ пишаа отворено писмо на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое наведуваат дека се длабоко загрижени од неодамнешните тврдења на комесарот Вархеји дека употребата на алтернативните никотински производи може да се спореди со ризиците од пушењето на цигари. Според нив, ваквите тврдења и размислувања можат да имаат несакани последици.

– Ние не тврдиме дека овие производи се „безбедни“ или „безопасни“, туку само дека тие се, без никакво сомневање, многу помалку штетни од цигарите – пишуваат истражувачи од институции како што се Империјал колеџ во Лондон, Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, Универзитетот во Женева и во Лувен, заедно со експерти како Дејвид Нат, Питер Хајек, Жан-Франсоа Етер, Карл Лунд и Клајв Бејтс.






Во писмото, тие го цитираат германскиот Федерален институт за проценка на ризик, според кој „научните студии покажуваат дека самите електронски цигари се многу помалку опасни од конвенционалните цигари“. Дополнително, наведен е и заклучокот од францускиот Национален институт за карцином, кој тврди дека „кога пушите електронски цигари, ароматизираната течност (која може да содржи никотин) се загрева и се претвора во капки од пареа и воздух и на овој начин, ги избегнувате повеќето канцерогени супстанции што се наоѓаат во цигарите“.

Во писмото се истакнува и мислењето на Кралскиот колеџ на лекари од Лондон, според кој, користењето на вејпови ги изложува корисниците на многу потесен опсег на токсини отколку пушењето на цигари, додека нивоата на токсини апсорбирани од вејповите се генерално ниски. Исто така, додаден е и заклучокот на Комитетот за токсикологија на Велика Британија, кој оценува дека „употребата на орални никотински ќесички, како замена за пушење цигари, веројатно е поврзана со намалување на вкупниот ризик од негативни здравствени ефекти“.

Научниците апелираат европските власти да го имаат предвид увидот на американскиот професор Мајкл Расел од 1976 година, кој истакнал дека „луѓето пушат поради никотинот, но умираат од катранот“. Истражувачите сугерираат Брисел да го следи американскиот стратешки пристап, на раководството на Агенцијата за храна и лекови на САД, кој се води од идејата дека никотинот не е примарна директна причина за болести и смрт што произлегуваат од пушењето, туку тоа се токсините од чадот од цигарите. Агенцијата оценува дека „никотинот, иако не е бениген, не е директно одговорен за ракот предизвикан од тутун, заболувањата на белите дробови и срцевите заболувања што убиваат стотици илјадници Американци секоја година“.

„Неправилното разбирање на ризикот ќе доведе до прекумерна регулација на производите што Европејците сакаат да ги користат за да ги намалат ризиците поврзани со сегашното пушење и идното пушење. Опасноста води кон низа предвидливи несакани последици: (i) повеќе пушење отколку што би имало инаку; (ii) поголема нелегална трговија и преземање на пазарот од нелегални производи со никотин со руско или кинеско потекло, кои понекогаш се снабдуваат преку криминални мрежи; (iii) низа потенцијално ризични заобиколни решенија од страна на потрошувачите и добавувачите што можат да го зголемат вкупниот ризик и да ги поткопаат регулаторните цели“, предупредуваат научниците.

Тие потенцираат дека предвидените мерки можат да наштетат и на важните цели за јавно здравје на ЕУ поврзани со ракот, односно на Планот на Европа за борба против ракот и Планот за кардиоваскуларните заболувања. Според овие два плана, пушењето е главен фактор на ризик што може да се модифицира, преку практични технологии кои овозможуваат миграција кон употреба на никотин со низок ризик.

– Раководството на Комисијата, или другите институции, мора брзо да дејствуваат за да ги исправат опасните, лажни и заведувачки изјави дадени од комесарот Вархеји и да обезбедат дека креирањето политики се темели на здрава наука, бидејќи тие можат да спасат или да загрозат животи на милиони граѓани на ЕУ. Во основа, европските институции можат да го поддржат ставот на комесарот или можат сериозно да ги сфатат своите одговорности за креирање политики. Тие не можат да ги сторат и двете – истакнуваат експертите.

Дебатата се покрена во ист период кога и македонските власти имаат намера да усвојат нов Закон за заштита од пушење. Домашните власти со предлог текстот ја поистоветуваат употребата на цигари и на алтернативни никотински производи, па дури и ја забрануваат продажбата на ароматизирани производи, за кои постојат сѐ повеќе информации дека се предмет на нелегална трговија во Македонија.

Поврзани содржини