НЕ СМЕЕ ДА ИМА ДРУГИ УСЛОВУВАЊА ОД СОФИЈА Ковачевски во Берлин доби нови уверувања од канцеларот Олаф Шолц
Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава.
Пристапниот процес на Северна Македонија треба да биде редовен, согласно напишаното на хартија и не треба да има нови условувања, кои се однесуваат на билатералната состојба, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес – конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија.
– Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено, и треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа – рече канцеларот Шолц на новинарско прашање за коментар дали е прифатлива за него изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени, кои се утврдени во преговарачката рамка, се само прелиминарен услов за земјава и дека со нив не се исцрпени сите услови за државата да ја почне втората фаза од преговорите.
Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава.
Премиерот Ковачевски рече дека со канцеларот Шолц разговаравле за нашата европска иднина, за отворените можости за економски развој за земјата по членството во НАТО, за отпочнатите преговори со ЕУ, напредокот во скрининг процесот..
– Започнато е ново поглавје во нашиот европски пат, крајната цел е полноправното членство во ЕУ и сега зависи само и единствено од нас, оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа – рече Коваечвски на заедничката прес-конференција во Берлин.
Тој упати благодарност, од свое име и од име на македонскиот народ, за усвоената Резулуција од страна на Бундестагот, со што Сојузна Република Германија, како што рече, дава недвосмислено охрабрување на Северна Македонија на евроинтегративниот пат до полноправно членство во Европската Унија. Со усвоената Резулуција, додаде Ковачевски, Берлин ни дава дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество.
– Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца – нагласи Ковачевски.
Во делегацијата што ја предводи премиерот Ковачевски се и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Со посетата се одбележаа и три децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Германија.