Не сме зрели за електронски попис, ама сме доволно созреани за комбиниран

Пописот бара точен број на податоци за населението, но не само на ниво на државата, туку и на ниво на населено место или на регион. Најдобриот начин за спроведување попис е комбинираниот и тој за првпат ќе биде спроведен во нашата земја. Ова е премин од традиционален во комбиниран и од комбиниран во електронски попис, вели за Плусинфо поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски.

1,174

Земјава не е доволно зрела за да може да спроведе електронски попис, а тоа е затоа што нема уредни и ажурирани регистри и бази на податоци. Ваков е ставот на експертите со коишто разговараше Плусинфо, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека ќе ги признае резултатите од пописот само доколку тој биде спроведен по електронски пат.

Од друга страна, пак, премиерот Зоран Заев, најави дека пописот во земјава ќе се спроведе со нова методологија која во еден дел вклучува и електронски попис.






„Само електронски попис нема да е доволен за да имаме комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди, затоа што одреден дел од податоците од електронските бази не ја даваат комплетната и прецизна слика. Ниту една база на податоци не ја дава комплетната слика за видот, стандардите и бројот на живеалиштата на нашите граѓани, која може многу да помогне во креирањето на социјалните политики“, напиша Заев на Фејсбук.

Рано ни е за електронски попис

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, смета дека електронскиот попис е најдобро решение, но вели дека тој може да биде спроведен само во земји кои имаат квалитетни бази на податоци, додека, пак, во Македонија, според него, базите не ги содржат сите податоци кои се важни од аспект на пописот.

– Во нашите бази на податоци не можете да најдете завршено образование на оние лица кои не се во образовен процес. За оние лица кои се во образовен процес ние можеме да го најдеме степенот на образование, меѓутоа по завршувањето на образовниот процес тие податоци се губат. А тоа е многу важен податок кој е потребен за пописот. Понатаму, во базите е евидентирана само легалната вработеност, односно ја нема сивата економија. Исто така, во базите нема податоци за етничката припадност, за верската припадност, мајчиниот јазик и слично – објаснува Симовски.

Комбинираниот метод е премин од традиционален во комбиниран и од комбиниран во електронски попис.

Дончо Герасимовски Поранешен директор на Заводот за статистика

Сличен став дели и поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, кој за Плусинфо вели дека земјава сè уште не е зрела за спроведување електронски попис.

– Државата не е подготвена да спроведе електронски попис, а тоа е затоа што нема уредни и ажурирани регистри и бази на податоци. Пописот не е само за етничко пребројување, туку и за увид на состојби во државата. Каде ќе најдете вие колку објекти има во земјава, на колку спрата се тие објекти, каква инсталација имаат, која година се изградени, од каков материјал се изградени, дали се реконструирани. Тука се и картичките за социјална помош, а за кои околу 17.000 граѓани реагираа дека не ги добиле. Тоа значи дека базата не е добра или не е ажурирана. Многу податоци се потребни за пописот, а тука е образованието, тука е и здравството, лицата со посебни потреби, бездомниците, азилантите, мигрантите. Затоа сметам дека во моментов не е можно спроведување на електронски попис – објаснува Герасимовски.

Според него, идеален модел за попис е комбинираниот модел.

– Пописот бара точен број на податоци на населението, но не само на ниво на државата, туку и на ниво на населено место или на регион. Најдобриот начин за спроведување попис е комбинираниот и тој за првпат ќе биде спроведен во нашата земја. Комбинираниот метод е премин од традиционален во комбиниран и од комбиниран во електронски попис. Сега ќе има програм со податоци за секој жител во земјава, а тие податоци ќе бидат извлечени од државните институции. Тоа значи дека попишувачот ќе го отвори компјутерот и веднаш ќе ги добие основните податоци за лицата кои ги попишува. Нема да се губи време за пишување на датум на раѓање, адреса, матичен број, број на лична карта, бидејќи тие податоци веќе ќе бидат наведени во компјутерот. Добро е тоа што во истиот тој програм ќе се внесуваат и другите податоци кои ќе ги каже попишаното лице, па веќе за следниот попис ќе може да се размислува и за целосно спроведување на електронски модел – вели Герасимовски.

ДС: Попишувачите да бидат вакцинирани

Од Демократскиот сојуз предупредуваат дека пописот може да пропадне ако нема гаранции, а исто така бараат и задолжителна вакцинација на лицата кои ќе го вршат попишувањето.

„Државниот завод за статистика да обезбеди дополнителни гаранции и контролни механизми за непречено и непристрасно одвивање на попишувањето, кое ќе даде точна слика за состојбата на населението. За оваа цел корисна ќе биде и средба во Државниот завод за статистика со експерти од сите заинтересирани политички партии за да се оствари доверба во процесот“, соопшти Демократскиот сојуз.

Поврзани содржини