„НЕ СМЕ ВО ВОЈНА СО ИРАН“ Џеј Ди Венс се надева на дипломатија и мирно решение
Американскиот потпретседател му порача на Техеран да се откажат од нуклеарната програма и потоа ќе имаат добри односи.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изрази надеж дека по ноќните воздушни напади на САД врз иранските нуклеарни постројки, ќе може да се врати кон дипломатските разговори.
– Не сме во војна со Иран, туку сме во војна со нуклеарната програма на Иран – истакна тој во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си, само неколку часа по реализирањето на нападите на САД насочени кон објектите во Фордо, Исфахан и Натанц.
– Не сакаме војна со Иран. Всушност, сакаме мир – додаде потпретседателот Венс во време кога расте загриженоста дека американската интервенција во конфликтот меѓу Израел и Иран може да предизвика сериозно проширување на регионалниот конфликт.
Тој нагласи дека доколку Техеран одлучи целосно да ја напушти својата нуклеарна програма и не возврати со удари врз американските бази во регионот, постои можност за воспоставување добри односи меѓу Иран и САД.