НЕ СМЕ УРГИРАЛЕ НИ ЈАС НИ ВАРХЕЈИ Маричиќ вели дека скандалот околу посетата на поранешниот еврокомесар Фигел на Камчев е напумпан
Се работи за приватна иницијатива и од судот имале дилема дали во моментов Фигел има некаква функција. Проверено е и утврдено е дека нема функција. Немаше одобрение од судот во одредено време, потоа е дозволено, рече министерот за правда Маричиќ.
Ниту јас ниту еврокомесарот Вархеји не сме ургирале кај никого за да се случи или не се случи посетата на Јан Фигел на Јордан Камчев во притвор, тоа се шпекулации, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во Утрински брифинг, оценувајќи дека сето тоа било – многу врева за ништо.
– Мислам дека целата таа приказна е пренапумпана во јавноста веројатно со некаква цел. Средбата на Фигел со Орце Камчев е на барање на адвокатот на Камчев. Побарано е пред два дена од судот, а потоа се појави пред затворот и побара да се види со Орце Камчев. Бев известен, побаравме информации од Европската комисија и од словачката Амбасада, нему сите функции му се веќе одминати. Се работи за приватна иницијатива и од судот имале дилема дали во моментов има некаква функција. Проверено е и утврдено е дека нема функција. Немаше одобрение од судот во одредено време, потоа е дозволено. Ниту јас ниту еврокомесарот Вархеји не сме ургирале кај никого за да се случи или не се случи посетата, тоа се шпекулации – рече Маричиќ.
Според добро упатени извори, поранешниот еврокомесар и специјален пратеник за верски права Јан Фигел бил одбиен без конкретно образложение, со конфузен одговор на неговото барање од страна на судијата Илија Трпков и со нејасни објаснувања од страна на одговорните лица пред вратите на КПУ Скопје. Фигел, заедно со адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски не добиле образложение зошто неговото барање за посета е одбиено и зошто, како што вели тој во неговата изјава, имало пинг-понг меѓу институциите во државата.
Министерот Маричиќ вели дека сите противореници и затвореници имаат редовни посети од адвокатите и од блиските луѓе од семејството.
– Орце Камчев пред неколку месеци имаше барање за посета и од Хелсиншкиот комитет за човекови права и тоа му беше одобрено. Никому ништо не му е забрането. Морам да напоменам дека вон сите процедури е појавување пред затворот и барање да се види со затвореник или притвореник, работа е на судот одобрение за посета на лицата во затворот – рече Маричиќ.