НЕ СМЕ БИЛЕ ВО БУДВА, СОБРАНИЕТО ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ! Обвинување од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
На оваа регионална конференција ниту еден пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е ниту повикан, ниту поканет, ниту пак информиран или консултиран за темата која што е предмет на оваа регионална конференција – нагласува Пратеничката група на ВМРо-ДПМНЕ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ тврди дек на собранискиот сајт се објавени лажна информации за Регионалната конференција за парламентарната димензија на ЕУ-Интеграција на Западен Балкан, која се одржува во Будва, Црна Гора.
„Проблемот е во тоа што на оваа средба, претседателот на делегацијата г-динот Арбер Адеми, заедно со останатите присутни од македонската собраниска делегација шират груби лаги и невистини. Имено, за оваа регионална конференција, ниту еден пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е ниту повикан, ниту поканет, ниту пак информиран или консултиран за темата која што е предмет на оваа регионална конференција. Вакво срамно однесување на колеги пратеници од Собранието на Република Македонија нема да дозволиме и секогаш бурно ќе реагираме. Нема да дозволиме власта да зборува во име на опозицијата на свои приватни средби и притоа да ги пласира во јавноста и да ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека не е присутна или пак дека е кочничар на ЕУ процесите на Република Македонија“ – се вели во реакцијата на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во веста објавен на собранискиот сајт се вели дека помеѓу власта и опозицијата во тек се разговори во врска со уставните измени за внесување на бугарските граѓани во преамбулата на Уставот.
„И ова е класична лага и е далеку од вистината. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и целата пратеничка група, која брои 44 пратеници, е дека власта го нема потребното мнозинство и дека единствен излез од оваа ситуација е распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори. Ништо помалку, ништо повеќе. Кога веќе власта преку своите курири зборува и насекаде наводно се залага за инклузивност и транспарентност, треба прво да се погледне себе си во огледало и конечно да почне така и да се однесува бидејќи ова срамно однесување и обид за подметнување и наметнување на ставови е сè само не инклузивност и транспарентност.
Повикување на заедништво и обединување поради остварување на заедничката цел за членство во ЕУ, едноставно не е возможно на начин на кој што власта преку вакви ниски обиди и удари се обидува да го направи. Токму собраниската делегација треба и мора да знае дека Законодавниот дом е врвот на една демократија каде што се дискутира и дебатира на демократски начин, а не со насилие, наметнување, непочитување на Деловник и процедури, а најмалку пак со ширење лаги и невистини.
Очигледно, власта е во паника, не знае како понатаму и токму затоа си шета наоколу и дава лажна слика за состојбите во Македонија. Токму затоа, им порачуваме да се вразумат, да престанат да манипулираат и лажат, да си се вратат на своите работни места и конечно да почнат да работат во интерес на граѓаните. Во спротивно, доколку не знаат или не можат да го направат тоа, решението е јасно, распуштање на нивното и онака тенко мнозинство и организирање на предвремени парламентарни избори“ – се вели во соопштението на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.