НЕ СМЕ БАШ ЗА ФАЛЕЊЕ, АМА НЕ СМЕ НИ ЗА ОЛКУ КУКАЊЕ Колку вредат платите во Македонија во споредба со Србија, Бугарија, Албанија и со Хрватска?

Колку станбени квадрати, литри бензин, киловатчасови струја, килограми пилешко месо, литри сончогледово масло, јајца и еспресо кафиња можат да купат граѓаните на овие балкански земји со своите просечни нето-плати?

3,756

Една стара шега вака објаснува што е тоа статистика – ти јадеш месо, јас јадам зелка, во просек двајцата јадеме сарма. Статистиката е далеку од совршена алатка за откривање на вистината, но кога се споредуваат некои вредности, како што се платите, на пример, се чини неизбежна.

Во споредбите на минималните и на просечните плати во Македонија со тие во регионот, или и пошироко, понекогаш се прават сериозни методолошки грешки, при што македонските нето-плати се споредуваат со бруто-платите во соседните земји. Се чини дека има и некакво оправдувања за овие методолошки недоследности, бидејќи во различни земји има различни давачки и не е секогаш сосема јасно која е нето-платата што вработениот ја добива откако ќе се одбијат сите давачки.






Како и да е, Плусинфо се потруди да ги спореди најновите достапни податоци за платите во Македонија, Србија, Бугарија, Албанија и Хрватска. Бруто и нето. Податоците за Македонија, Србија и за Хрватска се за март 2025 година, додека податоците за Бугарија и за Албанија се за првиот квартал од 2025 година. Платите се изразени и во локалните валути и во евра:

Како што може да се забележи од табелата, просечната македонска нето-плата од 694,68 евра е повисока само од таа во Албанија (625,69 евра), двојно е пониска од таа во Хрватска (1.448 евра), но не драматично пониска од платите во Србија и во Бугарија. Кога во нашата јавност се говори за платите – поради разни причини, меѓу кои треба да се имаат предвид и политичката пропаганда, но и нашиот менталитет – најчесто се коментираат перцепциите за тоа колкави се платите. При тоа, се разбира, во туѓите паричници секогаш гледаме многу повеќе пари одошто во сопствените.

Како и да е, споредување на апсолутните износи не значи многу, ако не се постави клучното прашање – што може со една просечна плата да се купи. Куповната моќ, пак, зависи и од цените на производите, а тие се различни во сите земји. За да ја доловиме вистинската „тежина“ на македонската просечна нето-плата, во споредба со просечните нето-плати во четирите балкански држави (од кои две, Бугарија ни Хрватска, се земји членки на Европската унија), се обидовме да добиеме што попрецизни податоци за актуелните цени на некои производи во сите пет земји.

Истражувањето покажа дека тоа не е лесна задача. Пред почетокот на сезоната, цените во земјите со развиен туризам нагло скокаат, па затоа се обидовме да ги „скенираме“ пролетните цени. За некои производи (цената на станбениот квадрат, на пример), освен официјално достапни податоци, консултуиравме и анализи во медиумите од регионот. Цените на прехранбените производи ги пронајдовме на сајтовите на големите синџири маркети („Конзум“ во Хрватска, „Рода“ и „Лидл“ во Србија, „Шпар“ во Албанија итн). Се разбира, нашето истражување може да има и непрецизности, меѓу другото и затоа што во некои земји се воведуваат и се укинуваат антикризни мерки, а цените се менуваат и сезонски, понекогаш дури и на дневна основа (цените на бензинот, на пример).

Сепак, се надеваме дека со изразувањето на нето-платите во количествата на некои производи во метрополите на земјите кои се споредуваат, ќе се стекне впечаток за куповната моќ на населението, со точност и веродостојност која не може да биде драстично оспорена.

  • Само Хрватите можат да купат повеќе станбени квадрати од нас

За почеток, просечните нето-плати ги споредивме со цените на становите во централните градски подрачја на метрополите на петте балкански држави. Цените на станбениот квадрат што ги приложуваме сигурно ќе предизвикаат различни коментари. Некој, на пример, ќе рече дека цената на 1 квадратен метар новоизградена станбена површина во центарот на Скопје (во зградите на „Лимак“, во комплексот „Гранд“ или во најстрогиот центар, на пример) е многу повеќе од 1.700 евра. Да, тоа е точно. Но, треба да се има предвид дека и цената на 1 станбен квадрат во компклексот Белград на вода е многу повисока од 3.000 евра, а на загрепски Пантовчак значително повисока од 3.200 евра, додека во софиските луксузни квартови (Бојана, на пример), таа е повисока од 2.400 евра. Се определивме за упросечени цени во пошироките централни градски подрачја на метрополите:

Математиката покажува дека просечната годишна нето-плата во Македонија е еднаква на 4,9 метри квадрати станбен простор во поширокото централно подрачје на Скопје, кадешто цената на 1 метар квадратен е просечно 1.700 евра. Само во Хрватска со годишната нето-плата можат да се купат повеќе (5,43) квадрати во центарот на Загреб отколку во Скопје.

Овој податок можеби ја објаснува и инаку „необјаснивата“ голема побарувачка на станови во Скопје, наспроти општата перцепција дека цената на квадратен метар е „безобразно“ висока. Се чини дека во Белград, Тирана и во Софија цените на становите, споредени со тамошните плати, се уште „побезобразни“. Иако и таму, според медиумските извештаи, побарувачката постојано расте.

  • Можеме да купиме многу бензин, но не толку колку што можат Хрватите и Бугарите

Цената на горивата во Македонија е неспоредливо најниска во регионот. Минатата недела регистриравме цена од 1,27 евра за 1 литар безоловен бензин од 98-100 октани. Следната најниска цена ја забележавме во Бугарија – 1,45 евра. Споредено со просечните месечни нето-плати, ги добиваме следнте резултати:

Иако цената на горивото кај нас е ниска, сепак, со една просечна нето-плата повеќе гориво од Македонците можат да купат Бугарите и Хрватите, а помалку Србите и Албанците. Значи, ако цената на горивото е некаква мерна единица на куповната моќ, ние сме подобри од земјите кои не се членки на ЕУ, но сепак полоши од двете земји-членки.

  • Македонците трошат најевтина струја

Утврдувањето на просечна цена на 1 киловатчас (кWh) електрична енергија за домаќинствата беше најголем предизвик на ова истражување. Во сите земји  постојат повеќе различни модели на потрошувачка и различни цени. Во секој случај, цената на струјата за домаќинствата во Македонија е неспорно најниска во регионот  – ние ја утврдивме на 0,032 евра за 1 киловатчас. Во сите други земји цените на струјата за домаќинствата се многу повисоки:

Изразувањето на просечните нето-плати во киловатчасови струја покажува дека домаќинствата во Македонија дефинитивно се во најповолна положба – кај нас струјата е речиси двојно пониско оптоварување на семејниот буџет во споредба со било која друга земја во регионот.

  • Не сме гладни во споредба со другите, ама не сме ни за машала

Сликата за куповната моќ на Македонците полека се менува на полошо кога ќе почнеме да ги изразуваме просечните нето-плати во килограми и литри прехранбени производи што можат да се купат со нив.

Така, на пример, просечна цена на 1 килограм пилешко месо (гради) во маркетите во Скопје е околу 6 евра, но такви цени најдовме и во Тирана и во Загреб, малку повисока цена во Белград (6,23 евра), но малку пониска во Софија (5,62 евра). Е тука разликите во просечните нето-плати одразуваат позначајни разлики и во куповната моќ. Со просечната месечна нето-плата, Македонецот може да купи 116 килограми пилешко месо, малку повеќе од Албанецот. Затоа, пак, сите други можат да купат повеќе, а Хрватот дури 241 килограм:

Сличен сооднос добивме и кога ги споредивме цените на 1 литар сончогледово масло за јадење:

Кај јајцата ситуацијата е малку поинаква, поради високите цени во Софија и во Тирана (2,45 и 2,74 евра за пакување од 10 јајца), кои за нас беа изненадување, па ги проверивме на сајтовите на повеќе маркети:

  • Имаме за еспресо, ама подобро е сами да си вариме турско

Конечно, ако некогаш сте помислиле дека Македонците дремат по ресторани и кафулиња, што ќе рече живеат комотно и покрај релативно скромните  плати, имајте на ум дека не е поинаку и во другите земји во регионот. Ги споредивме просечните цени на еспресо кафето во рестораните – ама пролетните цени, не овие сега, сезонски напумпаните – и ги добивме следните резултати:

  • Наместо заклучок…

Впечатокот што се добива од оваа „весела математика“ се наметнува сам по себе – платите во Македонија се ниски во споредба со тие во регионот, но не претерано, Поради пониските цени на дел од виталните производи во Македонија, куповната моќ сепак е нешто повисока. Со други зборови, кога платите би биле единствениот примања на населението, Македонците имаат право да се жалат, aмa не и да кукаат и да плачат.

Но, за среќа, платите не се единствените примања на населението. Тука се и пензиите, кои во Македонија се значително повисоки од повеќе земји во регионот. Во едно друго истражување, на сличен начин како со нето-платите,  Плусинфо ќе ги спореди и пензиите во овие пет земји во регионот, со цел сликата за стандардот и за куповната моќ на населението да биде уште пореална.

Поврзани содржини