НЕ СЕКОЈА ЉУБОВНА ПОНУДА Е ИСКРЕНА Кибер-криминалците демнат за Денот на вљубените

Безбедносната компанија „Bitdefender“ предупредува дека 41% од спам пораките поврзани со Денот на вљубените се измама. Кибер-криминалците користат фишинг и лажни попусти за кражба на податоци.

0

Спам-пораките, „ексклузивните“ попусти и понудите што не смеат да се пропуштат се во пораст околу 14 февруари, Денот на вљубените, бидејќи киберкриминалците го користат празникот за да ги намамат и измамат корисниците, се наведува во истражување на безбедносната фирма „Bitdefender“.

Според нивните наоди, 41 процент од спам-пораките за Денот на вљубените се насочени кон измама.






Меѓу техниките што најчесто ги користат киберкриминалците за кражба на лични и финансиски информации се фишинг, романтични измами, лажни наградни игри, барања за авансно плаќање и лажни анкети.

САД се земјата најпогодена од овие измами, со 55 проценти од пресретнатите пораки од овој тип, по што следуваат Германија (13 проценти), Ирска (8 проценти) и Обединетото Кралство (6 проценти). Следуваат Јапонија, Јужна Африка, Полска, Италија, Австралија, Франција и Канада.

САД, исто така, остануваат главна земја на потекло на измамничките кампањи за Денот на вљубените – 43 проценти од спамот. Следуваат Бразил, Хонг Конг, Кина, Италија, Јужна Африка, Полска, Индија, Франција и Унгарија.

Според истражувањето, околу 10 проценти од пораките користат мамки со тематика за запознавање, честопати со слики од профили генерирани со вештачка интелигенција.

Значителен дел од измамите за Денот на вљубените, исто така, се потпираат на лажно претставување на брендови, при што киберкриминалците се претставуваат како добро познати трговци на мало и луксузни брендови.

Истражувачите на „Bitdefender“ препорачуваат да се обрне посебно внимание на е-поштата, пораките на социјалните мрежи и СМС-пораките што ветуваат бесплатни подароци, награди или специјални понуди, како и да се проверат сите навидум неразумни понуди или пораки пред да се одговори на нив.

Поврзани содржини