НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ШТИТИ ТРЕТАТА ДОЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 Петличковски вели најмалку 6 месеци
Докторот е за рестриктивни мерки за невакцинираните.
Теоретски и практично се покажува дека комбинирањето на вакцините може да има позитивен ефект на ефикасноста, притоа без пријавување на некакви несакани реакции. Моментално и најавторитетните светски агенции кажуваат дека мешањето на вакцините е безбедно и ефикасно, бидејќи е згодно теоретски кога имаме прва вакцинација со некаква инактивирана вакцина втората да биде мРНК или аденовирусна вакцина со цел да се комбинираат ефектите и од двете различни платформи, кои имаат различни корисни и можеби по некој несакан ефект, вели доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија за РСЕ во денешното интервју за Радио Слободна Европа.
– Значи комбинирањето на вакцините е безбедно и од оние студии кои се достапни е јасно дека ефектот е значително подобар. Значи, кога би имале човек вакциниран со две дози на Спутник, третата доза на Спутник нема да предизвика толкаво засилување на имунитетот како трета доза од Фајзер – вели тој.
Тој додава дека сѐ уште не се знае колку долга ќе биде периодот на заштита од третата доза.
– Третата вакцинална доза прави едно освежување, засилување на имунитетот, создавање на нови антитела, поттикнување на памтечките клетки кои ја запаметиле првата средба со вирусниот антиген и подигнување на нивото на имунитет, односно враќање кон тие 90-тина проценти ефикасност на вакцините, која ќе трае 6 или повеќе месеци, иако во моментов сѐ уште не знаеме – вели Петличковски.
Според него, моментално проблем на здравствениот систем се граѓаните кои одбиваат да примат вакцина.
– Различни земји различно го решаваат овој проблем. На почеток имаше стимулативни, а потоа рестриктивни мерки. Од она што го гледам, рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата – вели Петличковски.
Тој смета дека има повеќе фактори за големата стапка на смртност од ковид-19 во земјава.
– Смртноста ни е висока споредено со смртноста во развиените земји, ама ние не сме развиена европска земја и имаме недоволно развиен здравствен систем. Сигурно дека коморбидитетите влијаат на зголемување на смртноста. Имаме и дополнителен проблем со неприфаќањето на болеста и нејавувањето навреме. И тоа е сигурно, но имаме и лоши услови во здравствениот систем, немаме ни доволно капацитети и сите елементи комбинирани придонесуваат за оваа висока смртност, која е слична во регионот. Со развојот на државата и здравствениот систем, ќе се подобруваат условите и ќе се намалува смртноста, но во моментот не сме таму – вели Петличковски.