НЕ СЕ СОГЛАСУВАМ СО МИНИСТЕРОТ! Заменикот на Сали му порача тој да не решава кој од лекарите ќе оди во пензија

468

Заменик-министерот за здравство д-р Владимир Рендевски на собраниска говорница изјави дека не се согласува со министерот за здравство Беким Сали да се одбива продолжувањето на работа на лекарите кои наполниле години за пензионирање, посочувајќи дека директорите на јавните здравствени установи само знаат како некој лекар или вработен работи. Тој, исто така, потенцира дека иако е на оваа функција, е професионалец и побара да не се партизира здравството.

Рендевски одговараше на прашање на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во врска со продолжувањето со работа на лекарите.






– Во поглед на вашето прашање околу различно толкување на тој член за пензионирање на здравствените работници од 64 до 67 години искрено кажувам дека не се согласувам со постапката на мојот министер. Ова го кажувам пред целата македонска јавност и пред членовите на Владата. Особено што се јавува еден таканаречен здравствен егзодус и особено во ЈЗУ во останатите наши градови. Просечната старост е преку 55-56 години – рече од собраниската говорница заменик министерот за здравство.

Овде, додаде тој, ви предлагам како лекар и ви се обраќам на сите пратеници од сите партии.

– Сметам дека тој член на толкување, било да е Беким Сали министер или друг, работникот во своjата здравствена установа најдобро, како и дали работи, си знае самиот директор и тоа толкување дали треба да има потврда од министерот, од една страна може министерот да го толкува позитивно – да, овој ќе остане или да, овој нема да работи. Кој и да е министер, не го знае работникот како работи. Сметам дека треба да направите законски измени во тој член, така што во иднина останување или не останување да биде одлука на самиот директор – рече д-р Рендевски.

Тој рече дека на оваа функција се нафатил да работи како професионалец и без никакви други причини и истакна дека навистина се соочуваме со недостаток на здравствен персонал во здравствените установи.

– Законски, верувајте, многу се тешко остварливи вработувањата од аспект на преземања. За едно вработување се бараат дури четири потписи, двајца директори, Фонд за здравство, Министерство за здравство и Министерство за финансии. Повторно го кажувам со најдобра намера како лекар професионалец, да најдеме полесен и поадекватен начин за да ги задржиме нашите кадри на работа и да ги остваруваме вработувањата во здравството. Не треба да има никаква партизација во здравствениот систем – апелираше д-р Рендевски и додаде дека претходно како директор на скопска Клиника вработел најголем дел од лекарите кои биле со договор на дело.

Поврзани содржини