НЕ СЕ САМО БУГАРИТЕ, НА МАСА Е БИНАЦИОНАЛНО РЕДЕФИНИРАЊЕ НА ДРЖАВАТА! Мицкоски за опасностите од уставните промени
Се говори дека се предлагало да се смени Преамбулата така што ќе постоеле два народа, неколку заедници, а потоа и малцинства и тоа да прерасне во уставно слово, притоа целосно нишајќи ги темелите на Македонија и разработувајќи го концептот на бинационална федерална држава – рече Мицкоски.
Кога станува збор прашањето за уставни измени, на маса се става и редефинирање на карактерот на Македонија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Куманово насловена како „Младински политики“.
– Она што исто така преставува тема подолг период се уставните измени. И во тој поглед сакам да предупредам на една друга опасност, на едно ново хазардерство и предавство кое си се турка на мала врата, така странично, но можеби внимавајте добро подеднакво опасно, па би рекол и поубиствено за Македонија во поглед на нејзиното постоење како унитарна држава – рече Мицкоски.
Тој посочи дека не е само ставање на Бугарите во Уставот, без било какви гаранции за Македонија кој го турка владата, туку отворање на пандорината кутија на тој план и, како што рече, „играњето на играчки со словото на Уставот и редефинирање на карактерот на Македонија преку нарушување на нејзината унитарност“.
– Низ кулоарите, а и во дел од медиумите и јас ги слушам идеите кои ги зборуваат оние партиски експерти кои им ги составуваат уставните измени, па се говори дека се предлагало да се смени Преамбулата така што ќе постоеле два народа, неколку заедници, а потоа и малцинства и тоа да прерасне во уставно слово, притоа целосно нишајќи ги темелите на Македонија и разработувајќи го концептот на бинационална федерална држава. Се надевам дека ќе остане само на нереализирана мантра, затоа што во спротивно, доколку тоа се преточи во текст, ќе се направи неповратна штета за Македонија. Апелирам да се престане со оваа самоубиствена рулет-игра на партиите на власт затоа што не смеат да си играат играчки со Македонија и со пишувањето на Уставот – рече Мицкоски.