НЕ СЕ ПРИФАЌА СПОЈУВАЊЕ НА ПРЕДМЕТИТЕ ЗА „ПУЛС“, ЗАШТО ВЕЌЕ СЕ ПОЧНАТИ Судечкиот совет смета дека тоа би ја одолговлекло постапката
Судот ги имал предвид наводите на одбраната дека се работи за ист кривично-правен настан, но оцени дека идентитетот на настанот сам по себе не е доволен основ за спојување на постапките, особено што тие се водат пред различни одделенија и во Јавното обвинителство и во судот.
Судечкиот совет донесе решение дека не се прифаќа предлогот на бранителот на првообвинетиот и на сите останати бранители, за спојување на повеќето предмети поврзани со дискотеката „Пулс“, во која животот трагично го загубиија над 60 луѓе, во еден предмет.
Како што образложи судот, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка – односно дека е во фаза на доказна постапка – како и другите три постапки поднесени од ОЈО ГОКК, каде што вкупно има 25 обвинети и каде едниот предмет е веќе во завршна фаза, евентуалното спојување би довело до одолговлекување и на тие и на оваа постапка. Тоа, според судот, би било во спротивност со начелото на економичност и целисходност на постапката, како и со обврската судот да ја води постапката без одолговлекување.
Судот ги имал предвид наводите на одбраната дека се работи за ист кривично-правен настан, но оцени дека идентитетот на настанот сам по себе не е доволен основ за спојување на постапките, особено што тие се водат пред различни одделенија и во Јавното обвинителство и во судот. Дополнително, јавните обвинители изјавиле дека немаат надлежност да постапуваат по предметите во ОЈО ГОКК.
– Тоа уште повеќе би значело одолговлекување на постапката, затоа што би следувало дека, освен тимот од 15 обвинители што постапуваат по овој предмет, би било потребно присуство и на дополнителни обвинители од ОЈО ГОКК – рече судијката Диана Груевска Илиевска.
Адвокатот Петре Шилегов, еден од бранителите во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и адвокат на обвинетиот Шофкет Хајдари, побара судот да донесе посебно решение, посочувајќи дека одлуката е донесена без да се направи увид во предметите на кои се повикува одбраната.
– Се задира во начелото на законитост и контрадикторност на постапката и одбраната е оневозможена да има увид во доказите кои ЈО ги доставува до единствениот надлежен суд. Ние немаме две стварно надлежни јавни обвинителства во државата. Нејасно е внатрешната организација на еден орган да биде пречка за примена на начелото на законитост. Барам судот да ги обезбеди тие предмети и да ги достави на одбраната за да имаме увид, за да се исполни начелото на законитост и контрадикторност на постапката. Ние немаме увид во тие докази. Барам судот да донесе решение за оваа одлука – рече Шилегов.
Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, рече дека јасно побарала оваа постапка да се спои со новозаведената постапка која сега е заведена, но сè уште не е започната.
– Не барав да се спои со сите три постапки на ОЈО ГОКК – рече Коцевска.
Адвокатот Јовица Страшевски, бранители на обвинетиот Јане Јанчески, осврнувајќи се на прашањето за надлежноста, рече дека ни Кривичниот суд ни ОЈО Скопје не се надлежни да постапуваат по овој предмет, бидејќи настанот се случил во Кочани.
– Надлежни се ОЈО Кочани и судот во Кочани, па надлежноста е делегирана во Скопје – рече тој.
Друг адвокат од одбраната посочи дека предлогот бил да се спои овој предмет со новиот предмет, а не со сите три предмети што се однесуваат на полицајците.
Судијката одговори дека со самото тоа што се споменати трите постапки против полицајците значи дека судот одлучувал и во врска со таа постапка. Таа додаде дека пред да ја донесе одлуката контактирала со судот во врска со трите предмети за да се информира во која фаза се наоѓа секој од нив.
Еден од адвокатите посочи дека досега во ОЈО Кочани и пред Кривичниот суд поднел три формални иницијативи за преиспитување на обвинителниот акт и побара ЈО да се изјасни.
– Поради сензитивноста на овој предмет, одбраната и јавноста заслужуваат одговор во која фаза е одлучувањето по овие три иницијативи. Застапникот на обвинението треба да одговори дали стручниот колегиум се состанувал и дали е одлучувано по нив. Одбраната на секоја јавна расправа бара ЈО да се произнесе. Укажуваме и дека обвинителниот акт во однос на раководителот на ДПИ има суштински недостатоци во однос на индивидуализацијата и директната каузална врска помеѓу службените дејства и трагичните последици. Ова го истакнавме и во воведниот говор и во текот на претресот. Ако ЈО за исти дејствија кон полициските службеници за дел од нив ја запре постапката, а за дел покрене обвиненија за други кривични дела со други квалификации, одбраната смета дека тоа е неразумно и дека на мојот клиент му е повредено правото на еднаквост пред законот. Овој предлог за преиспитување е поврзан и со економичноста на постапката – се прават огромни трошоци и буџетот ќе треба да ги плати, а некој ќе треба да сноси одговорност за тоа. Одбраната и целата македонска јавност има право да знае до каде се овие иницијативи и што е планот понатаму со обвинителниот акт – рече адвокатот.
Судијката на крајот рече дека последен пат предупредува дека нема да дозволи по овој основ да се дискутира.
– Судот не е надлежен за ова. Обратете се до Јавното обвинителство и до Советот на ЈО – рече судијката Диана Груевска Илиевска.