НЕ СЕ ПРАВИ УПАД ВО УНИВЕРЗИТЕТИТЕ, ТУКУ СЕ БАРА ОТЧЕТНОСТ Кастрофални грешки во образованието направи СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ги решава проблемите

Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а годинава е над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДСМ доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. 

8

Наместо кон прогрес, СДСМ е партија ориентирана кон пропаст – меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, соопшти ВМРО-ДПМНЕ во одговор на денешната прес-конференција на претседаѕелот на СДСМ, Венко Филипче.

„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти, претставници на институции, органи на студентите, изработија предлог законско решение, за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДСМ милува да паничи во јавноста“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Традиционална реторика на опозициската партија е дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите, а тоа е апсолутно неточно, се додава во соопштението.

„Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии, а патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДСМ доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот предлог закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети, додава партијата.

„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДСМ и на ДУИ, бројот на ученици се намали за 17.000, а на студенти за 7.000 за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

Законот, се вели во соопшението, предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДСМ, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии.

„Точно е дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања. Нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите. Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови, од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДСМ. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1.000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1.200 научни трудови. Законот на СДСМ од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, се вели во реакцијата.

Ред мора да постои и меѓу приватните високо образовни установи, додава ВМРО-ДПМНЕ,

„СДСМ не успеа да воспостави ред и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа. Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДСМ презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот, ќе можат да организираат првите 4 државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Ги охрабруваме СДСМ, се додава, наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение – така ќе покажат државност и грижа  навистина да се подобри квалитетот на високото образование, а сé друго е водење дневна политика, манипулации и обиди за собирање политички поени.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција побара да се повлече законот, кој, според него, е катастрофално лош, води кон владина контрола над универзитетите и рушење на автономијата на универзитетите и врши дискриминација кај младите.

Поврзани содржини