НЕ СЕ ПОТРЕБНИ ПОСРЕДНИЦИ МЕЃУ ГРЦИЈА И ТРУЦИЈА Односите меѓу двете држави се подобрени
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека пред 15 февруари ќе се сретне со турксиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара во рамките на Високиот совет за соработка меѓу двете земји.
Нашите односи со Турција се самостојни. Ќе имам можност да бидам во Анкара во наредните седмици и во никој случај не сметам, а мислам дека и Турција го дели тој став, дека ни е потребен некаков медијатор или посредник за да разговараме за прашања што ги засегаат двете земји, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во ТВ интервју.
На прашањето дали го загрижува фактот што американскиот претседател Доналд Трамп и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одржуваат тесни врски и чести телефонски разговори, а евентуална посета на Трамп во Грција или на Мицотакис во САД би можело да значи американското посредништво, грчкиот премиер одговори негативно и категорично ја отфрли можноста за медијаторство во односите со Турција.
Говорејќи за грчко-турските односи Мицотакис откри дека пред 15 февруари ќе се сретне со Ердоган во Анкара во рамките на Високиот совет за соработка меѓу двете земји.
Објасни дека по потпишувањето на Атинската декларација во декември 2023 година постојат „значајни придобивки кои не треба да се занемаруваат“, а како пример ги спомена значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор, соработката со Турција во областа на миграцијата, воведувањето брза виза за турски турсти на островите во источниот дел на Егејското Море, како и отворените канали за комуникација за решавање на каква било тензија.
Од друга страна, рече дека главното прашање и „суштинската разлика со Турција, е една и единствена: разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен, во Егејското Море и во Источниот Медитеран“.
– Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган верувам дека е само позитивен, бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација – нагласи Мицотакис.
Додаде дека Турција треба да сфати дека решавањето на разликата со Грција би имало и други паралелни придобивки за неа, особено во однос на можноста дополнително да се приближи до Европската Унија и да учествува во некои идни програми за финансирање на нејзината одбранбена индустрија со европски средства.
– Но, бевме апсолутно јасни: додека постои закана за војна, Турција не може да користи европско финансирање. И покрај тоа што некои оспоруваа дека оваа наша позиција има суштинска вредност, од самиот исход се покажа дека успеавме да ја постигнеме таа цел. Сепак, нашата цел не е трајно да ја исклучуваме Турција од посилна соработка со Европа – рече грчкиот премиер.
За односите со САД и евентуална посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Грција, со оглед на тоа што американската амбасадорка во Атина ја остави отворена можноста тоа да се случи, Мицотакис посочи дека нема некоја официјална информација за патување на Трамп во земјата и додаде дека „тоа се прашања за кои секогаш се разговара“.