НЕ СЕ ПОЧИТУВАЛ РЕДОТ, ПАРИТЕ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ДОАЃААТ НАСКОРО Скопјани чекаа 9 месеци, Ѓорѓиевски најави исплата на субвенциите

Градоначалникот на Скопје тврди дека немало доволно средства и не бил почитуван редоследот на апликантите.

70

Исплатата на ланските субвенции за велосипеди ќе започне во наредните денови, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по реакциите на граѓаните кои со месеци чекаат средства.

Скопјани аплицираа на јавниот повик на Град Скопје уште во јуни минатата година, но и девет месеци подоцна исплатата не е реализирана. Според Ѓорѓиевски, причината се два проблема – недоволно средства и непочитување на редоследот на апликантите.






– – Постапката не била спроведена како што треба. Имало околу 200 апликанти, а средствата не биле доволни за сите. Дополнително, не бил запазен принципот „прв дојден – прв услужен“ – рече Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека биле потпишувани решенија за дел од апликантите, потоа имало празнина во редоследот, па повторно биле потпишани други, без јасно објаснување зошто не се почитувал редот.

– Според редоследот од прва до 30 аликација се во ред, потоа имаме празен простор до 70 аликација, па имаме повторно последните 30-40 тина пак потпишани, Не знам од кои причини така се постапило, не знам зошто не се запазил редоследот. Што одлучивме ние? Ние имаме во овој буџет средства за исплата на субвенциите. За да нема неправда, сите субвенции ќе бидат исплатени во наредните неколку дена. Дополнително ќе побараме поддршка за ребаланс на буџетот и нов јавен повик оваа година – рече градоначалникот.

Според него, слична ситуација има и со субвенциите за чистење оџаци, кои исто така не биле исплатени за минатата година.

Со јавниот повик од 2025 година беше предвидено граѓаните да добијат до 5.000 денари за купување нов велосипед, а за оваа намена беа планирани три милиони денари од градскиот буџет. И покрај тоа, досега не е исплатен ниту денар.

Поврзани содржини