Не се коле вол за шницла

Да се прави ваков мастраф за да се добие една меѓувладина конференција и три дена фалење дека преговарачкиот процес со ЕУ ете почнал, а не почнал, за потоа сè да заглави на прашањето на лесно ветената уставната промена за која нема ни парламентарно мнозинство, ни народна волја, а ни некаква голема нужда, мене не ми изгледа паметен план.

9,355

Ретки се политичарите со кои сум полемизирал јавно, изразувајќи во тие прилики голема почит кон нив лично. Тоа не значи дека не ги почитувам најголемиот дел од луѓето со кои дебатирам, но најчесто не чувствувам потреба тоа да го кажам. Некои нешта, едниставно, се подразбираат…

Бујар Османи е исклучок. Тој имено е во групата на ретките. Кога и да сум полемизирал со него (еднаш на телевизија тет-а-тет и повеќе пати во моите колумни), не сум пропуштал да кажам дека го сметам за пристоен човек, во чии добри намери не се сомневам.






Дотолку повеќе ме разочара фактот што од негова уста излегоа зборовите меѓуетнички тензии, како можна последица на неприфаќањето на францускиот предлог. Многумина сега упатуваат на контекстот и на целината на таа изјава на Османи, но морам да кажам дека никаков контекст не ја оправдува таа фраза во устата на Османи.

Министер за надворешни работи не може да зборува за опасност од меѓуетнички тензии, а тоа да не се разбере како закана. И не баш суптилна…

А политичар што сака да биде демократ и да води јавна дебата (консултации се нарекува тоа сега, во оваа кампања), за нешто што самиот го заговара, не смее со ваква реторика да ја гуши расправата и да ја уценува дебатата.

Османи буквално секоја критика на францускиот предлог ја квалификува како „лажна вест.

Па добро, ако луѓето што одлучиле да го прифатат францускиот предлог навистина не трпат поинакво мислење и манифестираат ваква нервоза, зошто воопшто покренуваа дебата? Ионака е јасна нивната намера да го прифатат овој план, без оглед на тоа што немаат мнозинска подддшка од народот за таа работа.

Како и да е, јас сепак ќе ризикувам да предизвикам еден лесен понеделничен меѓуетнички конфликт, со тоа што уште еднаш ќе укажам што е фејк или заблуда во клучните изјави на министерот Османи и на другите бранители на францускиот предлог.

Пред сè, лага е тврдењето на Бујар Османи дека ако се отфрли францускиот предлог, ние ја прекинуваме европската агенда. Таа изјава не се темели на факти. Пред францускиот имаше португалски и германски, а по него веројатно ќе има и други предлози и иницијативи. Ова не е ситуација да се биде или не. Од каде таа идеја?

Не е точно и тврдењето на Османи дека во францускиот предлог нема историски прашања како одредници во европскиот процес. Повеќе експерти укажаа дека историските прашања произлегуваат од Договорот за добрососедство со Бугарија, а тој билатерален договор е во Преговадачката рамка и е подложен на оцени во годишните прегледи, кои се само друга фраза со исто значење за досегашните протоколи. Сето ова прецизно е запишано во францускиот предлог. Какви одредници бара министерот? Ова не му е доволно јасно и одредено?

Не е точно и тоа дека немало билатерални прашања како одредници во европскиот процес. Пак со тие одредници… Какви се историските прашања за кои се преговара со Софија ако не билатерални? Какво прашање е уцената Бугарите да бидат запишани во македонскиот Устав, ако не билатерално?

Сите позиции на Софија од билатералниот спор со Скопје се адресирани во францускиот предлог. Ама баш сите. И сите на наша штета! А нашата позиција до скоро беше дека бараме гаранции дека се затвораат сите билатерални прашања, сите софиски притисоци и ветото, ако ја прифатиме уцената за Уставот.

Камо гаранции? Видовте такво нешто во францускиот предлог?

Не е точно дека имаме почеток на преговори веднаш. Мислам дека ова е најпровидната теза на Османи. Не, ве молам, немојте со тие куршуми… Сите го прочитавме францускиот предлог и нема веќе мафтосување. Со прифаќањњто на овој предлог, Македонија ќе добие една безусловна меѓувладина политичка конференција, на која ништо битно нема да се случи. И тоа, засега, ќе биде сè. Тоа и скринингот. А преговорите ќе почнат дури по втората меѓувладина конференција, откако Бугарите ќе се најдат во македонскиот Устав. Кога и како ќе се случи тоа, со која формулација и кој ќе гласа за таа уставна промена, е нејасно и неизвесно. Јас мислам дека тој план е многу далеку од реалноста.

Имаме чист македонски јазик, вели Османи, но велат и Ковачевски, Пендаровски и сите кои го поддржуваат францускиот предлог. Добро, не тврдам дека тоа е фејк теза, но не сум убеден дека тоа е вистина. Еве зошто.

Во воведната изјава на првата меѓувладина конференциа, ЕУ ќе ги нотира унилатералните декларации на Бугарија и на Северна Македонија за македонскиот јазик, а во врска со преводот на европското законодавство на нашиот јазик. Кој гарантира дека оваа прибелешка нема да се појавува при секое препечатување на имотниот лист кој ја дефинира сопственоста на нашиот јазик?

Бугарскиот парламент, на пример, се убедил дека, цитирам, ништо во пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ не може да се толкува како признавање на постоењето на ‘македонскиот јазик’ од страна на Бугарија.

Од тие причини, јас би почекал преговарачкит процес да напредне, за да се осведочиме дали навистина имаме чист македонски јазик во ЕУ. Би сакал да им верувам на Ковачевски, на Османи и на Пендаровски за јазикот, но само ако ме убедат дека тоа од нив зависи.

Тешко таа работа…

Патем речено, ја користам приликата да се придружам кон изјавите на Димитар Ковачевски, на Артан Груби и на другите, дека никој не треба да се плаши дека македонскиот народ ќе биде асимилиран. Тоа е точно. И јас велам така. Но, не затоа што францускиот предлог е добар. Туку затоа што многу полоши планови и иницијативи во историјата не успеале да го сотрат македонскиот народ, па тоа нема да се случи и сега, кога Софија успева да ги преобрази своите уцени кон Македонците во европски услови.

Мали сме ние и нејаки, ама сепак доволно силни да не дозволиме да нè побугарчат или да се исплашиме од заканите со меѓуетнички тензии и со поделба на земјата. Ќе ја издржиме и таа бура. Прв пат ли ќе ни биде?

Конечно, сакам да кажам дека избегнувам да ги критикувам Ковачевски, Османи и луѓето во оваа влада со тезата дека ја предаваат или ја продаваат Македонија. Сакам да мислам дека добрите намери се во основата на нивната решеност да ја истуркаат работава до крај, иако се свесни дека народот не ги поддржува и дека за ова непотребно ќе се плати многу висока политичка цена. Да е малку подобар францускиот предлог и тој навистина да решава нешто битно, јас јавно би ги поддржал, дури и кога тоа би било спротивно на мнозинско мислење во јавноста. Не би ми било прв пат…

Но, не сум убеден дека е така. Да се прави ваков мастраф за да се добие една меѓувладина конференција и три дена фалење дека преговарачкиот процес со ЕУ ете почнал (а не почнал, всушност), за потоа сè да заглави на прашањето на лесно ветената уставна промена за која нема ни парламентарно мнозинство, ни народна волја, а ни некаква голема нужда, та уште да се создадат и многу други проблеми, мене тоа не ми изгледа паметен план.

Стариот лисец Киро Глигоров би рекол – не се коле вол за шницла.

 

Напомена: Текстот е едитиран во 9.12 часот. Во претходната верзија наместо фразата „меѓуетнички тензии“ стоеше „меѓуетнички конфликт“. Му се извинувам на господинот Османи за непрецизноста. 

Поврзани содржини