НЕ САМО ВМРОВЦИ, ТУКУ И ЕСДЕEСОВЦИ НЕМА ДА ВИ ГЛАСААТ! Опозицијата му порача на Груби да работи за уставните измени во својот двор
Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор - рече Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Артан Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, туку да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени – реплицираше денеска Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на Груби дека имаат план како да ја придобијат опозицијата да гласа за уставните измени, без притоа да се користат уцени, дадена во гостување на Телма.
– Груби рече дека работел на тоа цело време да се гласало за уставните измени. Порачуваме да не се мачи, од ВМРО-ДПМНЕ. Груби да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени. И еве поставуваме отворени прашања, дали тројца пратеници од првата и втората изборна единица кажале дека, ако е на маса ова, тие нема да гласаат? Дали пак шестмина пратеници од внатрешноста, на СДС им рекле дека уставните измени, цитирам: се најлошото нешто што може оваа влада да го направи? Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор – рече Митева.
– Работиме не само да се обезбедат 8 пратеници, туку ние работиме цело ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени – рече Груби синоќа во емисијата „Топ-тема“ на телевизија Телма.
Во врска со изјавите од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, дека ниту еден пратеник од оваа партија нема да гласа, Груби рече тој не е пратеник.
– Сите знаеме каква беше лојалноста во минатиот парламентарен состав – додаде Груби, алудирајќи на усвојувањето на Преспанскиот договор со помош на гласови на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Во дебатата за тоа дали и како ќе се усвојат уставните измени вчера со соопштение се вклучи и СДСМ.
„Нашиот план е соочување односно прикажување на аргументи, факти дека ова е важно и добро да го направиме за да го продолжиме европскиот пат на државата. Нашиот план е да разговараме со сите политички партии. Верувам дека од она што веќе го слушаме голем број од политичките партии, голем број од пратениците она што го говорат по ходниците е дека ќе се одважат и ќе гласаат за уставните измени“ – се вели во соопштението на СДСМ.