НЕ САКАМ ДА КОРИСТАМ ВОЕНА СИЛА, АМА ПОНЕКОГАШ МОРА Трамп не е задоволен што Иран не се откажува од нуклеарната програма
Конечната одлука дали САД ќе го нападнат Иран не е донесена, вели американскиот претседател Доналд Трсмп.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е незадоволен од преговорите со Иран и повтори дека Техеран не смее да има нуклеарно оружје. Тој посочи дека сака да постигне договор со Иран и предупреди дека „понекогаш е неопходно“ да се употреби воена сила.
Запрашан за можноста за употреба на сила, Трамп рече дека САД имаат најмоќна војска во светот.
– Би сакал да не ја користам за напад врз Иран, но понекогаш е неопходно – посочи Трамп.
Додаде дека конечната одлука дали ќе го нападнат Иран не е донесена.
– Ќе видиме што ќе се случи – рече тој.
Најави дека во текот на денот ќе има разговори за Иран, но не прецизираше кој ќе присуствува.
Коментарот на Трамп за новинарите пред Белата куќа дојде откако тој изрази фрустрација поради одбивањето на Иран да ги исполни американските барања за ограничување на нуклеарната програма.
– Не сме воодушевени од начинот на кој преговараат. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје. Не сум среќен што не се подготвени да ни го дадат она што мораме да го имаме – рече Трамп.
На прашањето дали може да има долг, развлечен конфликт на Блискиот Исток ако САД го нападнат Иран, Трамп рече:
– Претпоставувам дека секогаш може да се каже дека постои ризик. Би било прекрасно ако преговараат, навистина, со добра совест, добра волја. Но, тие не стигнуваат дотаму досега.
Американскиот државен секретар Марко Рубио утре требаше да го посети Израел, но патувањето е одложено за понеделник.
Вчера во Амбасадата на Оман во Женева се одржаа индиректни разговори помеѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран. Шефот на оманската дипломатија Саид Бадр бин Хамад бин Хамуд ал Бусаиди изјави дека е постигнат значителен напредок и најави дека наскоро ќе има нова рунда преговори, по консултациите во Вашингтон и во Техеран.
Бусаиди посочи и дека следната недела во Виена, каде е седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија, ќе се одржат разговори на техничко ниво.
Трамп повеќе пати предупреди дека ако не биде постигнат договор со Иран можно е да употреби воена сила. Изминатите недели САД распоредија воени сили во Блиски Исток, најголеми во изминатите децении.
Поради стравувањата од судир и проширување на конфликтот низ регионот повеќе земји ги повикаа своите државјани да се воздржат од непотребни патувања, пред сè во Израел, додека граѓаните кои се таму да заминат од земјата.
Германското Министерство за надворешни работи денеска ги советуваше граѓаните да не патуваат во Израел.
„Патувањето во Израел и Источен Ерусалим силно не се препорачува“, наведе германското МНР.
И француското МНР апелира да не се патува во Израел и во Западниот Брег, да се избегнуваат протести и собири и француските државјани да се упатат во засолништата.
Полското МНР ги повика Полјаците да заминат од Иран, Израел и од Либан.
„Безбедноста ситуација на Блискиот Исток е нестабилна. Ризикот од ескалација е висок! Можно е да биде затворен воздушниот простор за цивилен сообраќај, а враќањето со авион би можело да стане невозможно или значително отежнато“, објави полското МНР на платформата Икс.
Амбасадата на Кина во Израел им порача на своите државјани да ги зголемат безбедносните мерки и да бидат подготвени за вонредни ситуации поради растечките ризици во регионот.
Пекинг денеска им порача на своите граѓани да го избегнуваат Иран, а тие што се во земјата во најкус рок да заминат од Исламската Република.
Италијанското МНР им препорача на своите државјани во Израел да бидат максимално внимателни, а на Италијанците во Иран ги советуваше да заминат од земјата.
Британското МНР дел од дипломатскиот персонал од Тел Авив го премести на друга локација во внатрешноста на Израел.
Амбасадата на САД во Ерусалим на персоналот и нивните семејства им овозможи сами да одлучат дали сакаат да заминат од Израел.
„Нема потреба од паника, но тие кои сакаат да заминат треба да го испланираат заминувањето што е можно побрзо“, објави американскиот амбасадор Мајк Хакаби.