ГЛУПАВО Е ДА СЕ ФРЛААТ ПАРИ ЗА РУШЕЊЕ Герасимовски ќе ги конфискува дивоградбите во Центар, а граѓаните ќе ги користат
За идејата на Герасимовски да се реализира ЗЕЛС ќе треба да го достави барањето до владата, а потоа да се извршат потребните законски измени, кои на крајот ќе треба пратениците да ги изгласаат во Собрание.
Првиот човек на општина Центар, Горан Герасимовски, реши да им стави крај на дивоградбите во неговата општина, па поради тоа денеска до ЗЕЛС ја достави иницијативата за конфискација на нелегално изградените објекти.
– Наместо да трошиме пари од буџетот за рушење, предлогот на законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи. По конфискацијата, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена би била огромен чекор напред во смисла на превенција од идни дивоградби. Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија, чиешто рушење чини стотици илјади евра. Време е да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство – објави тој на Фејсбук.
За да се реализира оваа идеја на Герасимовски, ЗЕЛС треба да достави барање до Владата. Потоа Владата треба да ги изврши потребни законски измени за да може да се примени оваа одредба, а потоа тие измени да се изгласаат од пратениците во Собранието.