НЕ РАЗМИСЛУВА ЗА ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО Гаши ги отфрли шпекулациите дека се влошени односите во Вреди

Претседателот на Собранието категорично ги отфрли шпекулациите дека има кавги во коалицијата околу распределбата на кандидатурите за градоначалници и нагласи дека во Вреди сè е во најдобар ред.

1,237

Не се точни шпекулациите дека односите меѓу партиите кои се дел од коалицијата Вреди се влошени во пресрет на локалните избори и не е точно дека сум во лоши односи со вицепремиерот Изет Меџити, ниту дека ќе поднесам оставка од функцијата, рече денеска претседателот на Собранието Африм Гаши, на брифинг со новинарите. Тој категорично ги отфрли шпекулациите дека има кавги во коалицијата околу распределбата на кандидатурите за градоначалници и нагласи дека во Вреди сè е во најдобар ред.

– Најодговорно тврдам дека во тоа нема вистина. Од она што јас го имам како информација, и од мојата комуникација со коалцијата, одлични се релациите и нема никакви проблеми меѓу партнерите. Интензивно се подготвуваат за локалните избори и набрзо ќе излезат со кандидатите. Не гледам никаква негативна енергија или некаква компетитивност внатре во коалицијата. А воопшто да не зборуваме за инциденти или за несогласувања, најмалку за несогласувања со мене – рече Гаши.






Шпекулациите, рече Гаши, се дел од дневната партиска политика, во која тој не сака да се вовлекува.

Гаши додаде дека сè уште не е завршена распределбата во коалицијата која партија колку кандидати за градоначалници би добила и колку места на советничките листи.

– Пријатна е атмосферата во коалицијата и не се гледа на тоа кој кандидат од која партија е. Во Вреди се разговара дури и за незваисни кандидати, за луѓе надвор од партиите. Се разговара принципиелно и се гледа да се номинираат најдобрите кандидати. Нема битка меѓу партиите кој колку места ќе земе. Тој дел го надминавме и за жал, плативме мала цена за тоа. Добро е што на претсојните локални избори коалицијата ќе влезе со порелаксирани односи – рече Гаши.

Во врска со тоа кој ќе биде претседател на Вреди, Гаши рече дека за тоа ќе се дискутира дополнително. Коалицијата неодамна формираше централно управувачко тело.

– Јас не сум дел од тоа централно претседателство на Вреди. Се разговара за модели. Можеби ќе има еден претседател, можеби ќе има ротирачно претседателство, се разговара дали одлуката да се донесе наскоро или после изборите. Но, нема суштински разлики. Сега во коалицијата се повеќе фокусирани на кандидатурите за градоначалници – рече Гаши.

Поврзани содржини