НЕ РАБОТЕЛЕ, А ЗЕМАЛЕ ПЛАТА Касами вели ќе биде побарано да ги вратат средствата
Градоначалникот на Тетово откри дека преку 650.000 евра биле извршени од страна на извршители поради долгови на општината.
Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека ќе побараат враќање на средствата од тие што земале плата, а не работеле во општината.
– Вкупно 294 претходно вработени во општина Тетово или кои имале договор на дело не ми поднесоа извештај за нивното сработено, што значи земале плата, а не работеле. Буџетот се оштетувал за сума од околу 1 милион евра годишно. Ние ќе побараме овие средства да се вратат, ако треба и по судски пат. Разберете, за многумина не можевме два месеца договорите да им ги најдеме, скриени по фиоките – вели Касами.
Тoj обвини дека во општината се распишувале тендери откако работата веќе била завршена.
– Еден од примерите за злоупотреба е тендерот за велосипедската патека, кој е објавен по завршувањето на работата, а пред изборите. За ова веќе има и кривична постапка. Друг случај е што со договорите за телефонски услуги потпишани на 2 години со А1 и со кои се купувале повеќе од 20 скапи телефони во вредност од 1.000 евра, Самсунзи, Ајфони. Имаме 340 двегодишни договори со А1 кои не можеме да ги раскинеме затоа што ќе плаќаме пенали. И за ова секако веќе се води постапка – додава Касами.
Градоначалникот на Тетово посочи дека со пари на општината се плаќале ручеци за активисти на политичката партија ДУИ.
– На пример, имаме сметка од 80.000 денари за ручек на кои биле партиски активисти на ДУИ. По објавувањето јавно на договорите на дело неколку луѓе ми се јавија, како на пример за овој случај каде ми рекоа дека тие не направиле никаква услуга за општината туку наплатиле за ручек кој изгледал како партиски ручек. Значи, се плаќале тие ручеци преку договор на дело – вели Касами во „Click Plus“ на ТВ21.
Касами откри дека преку 650.000 евра биле извршени од страна на извршители поради долгови на општината.
– Откако стапив на функцијата градоначалник преку 650.000 евра се извршени од страна на извршителите поради долгови на општината. Преку 435 компании и индивидуи ја тужат општината за долгови, сите се на извршител. Само на име на камати до сега е платено преку 600.000 евра, не ни знам колку ќе биде целата камата – посочи Касами.