НЕ ПРОДАВАВ ЛЕГАЛНО, А И ПАНЧО НЕМАШЕ ДОЗВОЛА, НО ЈАС „МУ УЧИНИВ“ Сведочеше трговецот што ѝ продал пиротехника на групата ДНК

Адвокатот праша дали му е познато дека за употреба на топлите прскалки треба дозвола од МВР и дали на тоа ги предупредувал купувачите, сведокот одговори: „За ладни прскалки не треба дозвола. После настанот во Кочани, кај мене никој не купува ни ладна ни топла прскалка. Немаше да преживеам ако со сигурност знаев дека прскалките се купени од кај мене.“

203

На денешното судење сведочеше сведокот Горан Игновски, од чија фирма групата ДНК набавувала прскалки.

Адвокатката Ивана Коцевска праша дали топлите фонтани не се доволно забележителни на сцената како ладните, на што сведокот рече „да“.






Тој рече дека не ги познава Дејан Јованов или Михаил Јованов на прашањето од Коцевска дали тие некогаш купиле од него прскалки.

На прашање дали само ДНК од кај него купиле прскалки, рече дека не ни знае за друга група што ги користи за сценски настап.

– „Рентал компании“ ми барале прскалки, ама ладни – рече тој.

На прашање дали може да се заклучи дека ДНК користеле нелегални прскалки, сведокот рече дека претпоставува дека е така.

Коцевска праша дали со тоа што купил нелегални прскалки практично ризикувал.

– Ги купив за презентација, но, да, им продадов од нив на ДНК – рече сведокот.

– Од Бугарија рековте сте набавиле 100 прскалки, а на ДНК сте им продале 8, дел сте искористиле за презентација, каде ви е остатокот? – праша друг адвокат.

– Овие топли прскалки многу се користеа по свадби. Јас ве уверувам дека од тој остаток за еден месец откако сум ги купил, веќе сум немал – рече сведокот.

Адвокатот праша дали и покрај тоа што ДНК ги знаеле штетните нус-ефекти, после пожарот во Гевгелија продолжиле да ги користат.

– Да, ги користеа. На видеата нивни се гледаше дека на секој настап ги користат – рече сведокот.

Друг адвокат го праша дали побарал од Панчо дали има дозвола за пиротехника, на што сведокот негираше.

Адвокат му рече дека Денис Даутовски во истрага рекол дека летото 2024 година од него купил прскалки.

– Јас не го познавам Денис Даутовски – рече сведокот.

Адвокатот рече дека Денис изјавил дека купил прскалки од продавница во Кисела Вода од лице со прекар Чкаља.

– Ви гарантирам дека не купил од кај мене – рече сведокот.

Адвокатот му рече дека употребените прскалки во Кочани се од марката „Тропик“.

– Не значи дека се купени од кај мене. Јас на Јавниото обвинителство му дадов снимки дека користат прскалки и од други брендови, на пример „Енигма“, со бели патрони. Дали значи дека сите употребени прскалки „Тропик“ се од кај мене? Претпоставувам дека сите се набавени од исто место, оти тоа е фабрика во Бугарија – одговори сведокот.

Вие сте немале дозвола за промет со прскалки согласно Законот за употреба на екплозивни материи, рече адвокатот.

– Да, знам дека немам и затоа престанав да ги продавам. Куферчето за активација не е пиротехника. Ладните не се пиротехника исто, а топли прскалки ние денес не продаваме – рече сведокот.

Рековте дека фонтаните може да се топли и ладни, рече адвокатот, од ладните не може да настане пожар, а од топлите да? Сведокот потврди.

– И од овие за торта може да настане пожар. Пожарот во Швајцарија настана од такви прскаки за торта, а ги има низ продавниците – рече сведокот.

Адвокатот праша колку време се занимава со продажба на уреди за пиротехника, сведокот рече 3 до 4 години.

– Дали некој за тоа време ви извршил контрола? – праша адвокатот.

– Не, оти тоа не ми е приоритетна дејност, се занимавам со озвучување и осветлување – рече сведокот.

Друг адвокат праша дали од надворешен изглед се препознава која е топла, а која е ладна фонтана. Сведокот рече дека ладната е колку кутија цигари, а топлата е голема како куфер. На прашање дали има ознака и дали пишува која е ладна, која е топла, рече:

– За ладната треба прашок и кутија и уред за активација, а за топлата треба патрон и уред. Ако прашавате дали на нив може да се прочита дали се топли или ладни пишува само која е за надворешна, а која е за внатрешна употреба. Не пишува која е топла, која е ладна, затоа што за ладни не постојат патрони.

На нив пишува колку метри во височина прскаат.

Упатство за употреба би требало да има на самата амбалажа.

– Дали на прскалките постои известување, знак „запалливо“, „опасност од пожар“? – праша адвокатт.

Сведокот одговори дека има, како и препорака на колкаво растојание од нив е безбедно да се стои.

На прашање дали Буцо знаел дали купувал топли или ладни прскалки, сведокот рече дека претпоставува дека му кажал дека се за внатрешна употреба.

Адвокатот праша дали му е познато дека за употреба на топлите прскалки треба дозвола од МВР и дали на тоа ги предупредувал купувачите.

– За ладни прскалки не треба дозвола. После настанот во Кочани, кај мене никој не купува ни ладна ни топла прскалка. Немаше да преживеам ако со сигурност знаев дека прскалките се купени од кај мене – додаде сведокот.

Адвокат Дејан Стојчев праша дали куферчето, каде е активаторот за прскалките, се транспортира затворено, сведокот потврди и рече дека освен активаторот, не може да се смести ништо во него. Куферчињата се црни и не може да се види што има внатре.

Адвокатот праша дали има визуелна разлика меѓу нова и дополнета ладна прскалка, сведокот рече дека нема разлика. На прашање дали може да се дополнат и со опасна материја, наместо со соодветниот прашок, сведокот рече „не“.

Адвокат Благоја Јованов праша:

– Ако сакам да имам фонтана ефект на 3 локации на растојание од по 3 метри, колку уреди ми се потребни?

– Три – одговори сведокот.

Адвокатот Петре Шилегов праша дали Министерството за економија има каква било ингеренција за издавање дозвола за пиротехнички средства.

– Јас се откажав затоа што транспортот е скап, треба да се носат во специјален контејнер, ми кажаа во шпедиција, па треба и посебен магацин за чување и јас тука се откажав, и не стигнав да прашам кој е надлежен за издавање дозволи – рече сведокот.

Адвокат Софија Лаличиќ рече дека сака да стави забелешка на исказот на сведокот.

– Да се заблагодарам на јавниот обвинител, кој беше професионален и постави прашање не само на товар туку и во корист на обвинетите. Кој повеќе треба да е на обвинителна клупа, обвинетите од Министерство за економија и ексминистрите кои издале лицнци во 2013 или овој сведок кој овде ни кажа дека шверцувал пиротехника, па на црно ја држел во својата продавница, ја продавал, ставил на располагање опасно средство од кое загинаа луѓе? Ова сведочење само потврди за погрешно поставеното обвинение и за селективност при обвинувањето – рече Лаличиќ.

Обвинителот ја прекина, рече дека ова е излагање за завршен збор и дека не загинале луѓето затоа што пиротехниката го запалила диското, туку зашто немале од каде да побегнат.

Лаличиќ продолжи.

– Не е точно дека Буцо последен пат купил (пиротехника) година и пол пред настанот, како што рече сведокот, бидејќи од блиските соработници на ДНК, кои сведочеа, слушнавме дека Буцо бил ангажиран во ДНК 6 месеци пред пожарот – рече Лаличиќ.

Адвокат Ванчо Шехтански праша дали знае кој е рокот на употреба на топлите прскалки. Сведокот рече дека не знае, а за ладните рече дека имаат неограничен рок.

– Знаете ли дека рокот на употреба на топлата прскалка е 2 години – праша Шехтански.

– Не знам, оти не продавам пиротехника – рече сведокот.

– Па на ДНК кој им продал – праша Шехтански.

– Не знам, јас им продадов пред две и пол години – рече сведокот.

– Знаете ли дека употребата на топлите прскалки после 2 години е опасна – праша Шехтански.

– Не знам – рече сведокот.

Тој додаде и дека фабриката „Енигма“ во Бугарија се запалила и изгорела.

Адвокатот на сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ го праша дали со употреба на нелегална пиротехника ДНК го запалил „Пулс“, со оглед дека искористиле пиротехника која исфрила искри над 3 метри височина во затворен простор?

– Да – рече сведокот.

Судијката праша:

– Дали лицето кое доаѓало да купува пиротехника во времето коа сте продавале било потребно да поседува лиценца.

– Ние не ги продадовме легално, затоа и не сум барал дозвола. На Панчо му учинив, му продадов 8 прскалки. Сум продавал и за свадби – рече сведокот.

Поврзани содржини