„НЕ ПРИФАЌАМ ДА БИДАМ ЗАМЕНИК САМО НА САРАЈ“ Заменикот на Данела Арсовска поднесе оставка
ВМРО-ДПМНЕ ја коментираше оставката на заменик-градоначалникот на Скопје Александар Трајановски, оценувајќи дека неговото повлекување не е резултат на револт кон начинот на управување со Градот, туку последица на неисполнети бизнис интереси.
Заменик градоначалникот на Скопје, Александар Трајановски, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, истакнувајќи дека не се согласува со насоката во која се водат Градот и јавните претпријатија.
– Како човек кој осум години беше дел од Советот на Град Скопје, ми беше чест да ја прифатам функцијата заменик градоначалник. Но, оваа позиција, која немаше никакви ингеренции и привилегии, ја презедов со единствена цел – да придонесам за подобрување, развој и модернизација на градот – напиша Трајановски на својот профил на Фејсбук.
Тој посочи дека во текот на својот мандат настојувал да сподели идеи и решенија за предизвиците во Скопје, но дека ниту еден негов предлог не бил прифатен.
– Со горчина и разочарување можам да кажам дека ниту еден од моите предлози не беше ниту разгледан, ниту реализиран. Ревносно се борев за усвојување на буџетите и програмите на јавните претпријатија, преговарав и дебатирав со советниците за да добијат поддршка. Но, Градот денес не се води според интересите на сите граѓани, туку според интересите на мала група – нагласи тој.
Според Трајановски, Град Скопје во изминатата година со сите свои ресурси работел исклучиво на проекти во општина Сарај, додека останатите делови на градот биле запоставени.
– Јас не прифаќам да бидам заменик градоначалник само на Сарај. Граѓаните од сите општини во Скопје заслужуваат еднаков третман – категоричен е Траjановски, алудирајќи дека кадровските одлуки во јавните претпријатија се носат под влијание на ДУИ.
Како главни причини за својата оставка, тој ги наведе „неконзистентноста во јавните политики, партизацијата на јавните претпријатија, незрелите политички пресметки и мобингот врз вработените“.
– Се обидував да посредувам, да најдам решение за конфликтите, но очигледно никој не сакаше компромис. Општина Сарај и ДУИ ја имаат формулата за соработка, која очигледно јас и никој друг ја немавме – заклучи Трајановски.
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ за оставката на Александар Трајановски
ВМРО-ДПМНЕ ја коментираше оставката на заменик-градоначалникот на Скопје Александар Трајановски, оценувајќи дека неговото повлекување не е резултат на револт кон начинот на управување со Градот, туку последица на неисполнети бизнис интереси.
„Трајановски задоцни цели три години во проценката на личноста и неделата на Данела Арсовска. Наместо да застане на страната на граѓаните кога ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за хаосот во Скопје и блиските релации на Арсовска со ДУИ и Левица, тој ја бранеше и убедуваше јавноста дека е жртва, а не агресор“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Трајановски, до последната седница на Советот, „жестоко ги напаѓал советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски“, но сега ги наведува истите аргументи како причини за неговата оставка.
„Ова не е исправка на неправда, туку чисто лицемерие. Трајановски не е жртва, туку тригодишен уживач на сите привилегии кои му ги овозможи Арсовска заедно со ДУИ и Левица. Народот вели дека бродот што тоне го напуштаат и оние кои најмногу му користеле“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.