„НЕ ПРЕДИЗВИКУВАЈТЕ ПАНИКА КАЈ ВРАБОТЕНИТЕ“ Здравство ја разобличи „лажната вест“ за вработувањата во Тетово

Министерството за здравство со остар демант на тврдењата за вработувањата во Клиничката болница во Тетово, постапката продолжува по изборите.

539

Министерството за здравство реагираше на, како што велат, „непристојни и штетни“ соопштенија во јавноста поврзани со процесот на вработување во Клиничката болница во Тетово.

Од институцијата тврдат дека во последните денови се шират неточни информации кои предизвикуваат непотребна паника меѓу здравствените работници и ја нарушуваат довербата во институцијата.






„Сакаме јасно да кажеме – сите кандидати имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година“, појаснуваат од Министерството.

Тие додаваат дека за овие вработувања е обезбедена согласност од Министерството за финансии, а како доказ е приложен и документ кој, според нив, ја разобличува „лажната вест“ дека Фондот за здравствено осигурување дал негативен одговор.

Од Министерството информираат дека огласите за вработување се објавени навремено, а тестирањата на кандидатите се спроведени на 7 август 2025 година, а не „пред десет дена“ како што било сензационалистички објавено.

„Постапката за вработувањата е ставена во мирување поради распишувањето на локалните избори. Веднаш по нивното завршување, процедурата ќе продолжи и сите кандидати ќе ги добијат своите решенија“, информираа од Министерството за здравство, нагласувајќи дека секое друго тврдење е невистинито.

Во соопштението се додава дека паушалните изјави и користењето на лажни информации не само што ја штетат институцијата, туку и предизвикуваат вознемиреност кај вработените во Клиничката болница во Тетово, кои, како што велат, „деноноќно се грижат за здравјето на нашите сограѓани“.

Поврзани содржини