Не правете проблем таму каде што нема – кому му треба преведувач, нека си го носи во смартфонот!
Секој може да си носи „преведувач“ во својот смартфон. Постојат дузина апликации за симултан превод. Веројатно ќе изгледа малку смешно, па дури и глупаво, така да си преведуваме овде во Македонија, но ако некој инсистира на таа „кауза“, наместо да провоцира и да бара проблем таму каде што нема - ете му решение.
Борбата за рамноправен статус на албанскиот јазик во образовниот процес, а потоа и за промоција на јазикот на втората по големина етничка заедница во Макдонија во втор службен јазик, траеше околу три децении.
Новинарот којшто непристојно ја опомена министерката за образование Весна Јаневска да не доаѓа во Тетово без да си носи преведувач, веројатно не се сеќава на почетоците на таа борба, која имаше поддршка од дел од македонската политичка и интелектуална елита. Природно, момчето не може да се сеќава, бидејќи или бил премлад или тогаш воопшто не бил ни роден.
Ќе раскажам само еден детал, за да се потсетиме на жестината на политичката дебата во тоа време. Најмаркантна иницијатива од тој период (1997 година) беше барањето за формирање педагошка академија на албански јазик. Идејата беше една таква институција да образува наставници кои ќе предаваат на албански јазик во основните и во средните училишта, за да се подобри драстично опаднатиот квалитет на наставата во средините со доминантно албанско население.
Јас лично и весникот „Дневник“ под мое уредништвото, ја поддржавме таа иницијатива и жестоко ги осудивме демонстрациите против педагошката академија на албански јазик, што се организираа пред парламентот. За возврат, демонстрантите јавно палеа примероци на нашиот весник – ни пред тој тажен момент за македонската демократија, а ни потоа, такво нешто се нема случено.
Многу години подоцна, после многу кавги и недоразбирања, јазичниот конфликт заврши со модел на двојазичност кој претставува апсолутно највисок дострел во Европа. Денес албанскиот јазик и формално и суштински е втор службен јазик во Македонија, целосно рамноправен со македонскиот. Погледнете ги натписите и таблите во Скопје, погледнете ги своите лични карти и другите лични документи, па самите ќе се уверите во тоа. Не мора да го читате и да го толкувате Уставот.
Разбирам дека има луѓе на кои не им се допаѓа тоа што Македонија е феномен што јас некогаш го нарекував „билингвална федерација“, но еднаш стекнатите основни човекови права и политичките права на малцинските заедници, стануваат трајни и непроменливи. Јас, инаку, во сите овие три децении, ја застапував идејата дека тој процес не само што нема да ги загрози, туку ќе ги унапреди односите меѓу Македонците и Албанците.
Се разбира, предуслов да се исполнат тие мои очекувања е сите да научиме и да разбереме што точно значи кога велиме дека двата јазика се во рамноправна службена употреба.
На пример, тоа значи дека секој политичар Албанец, во сите политички институции и секогаш кога е во службено својство каде било на територијата на Македонија, може официјално да говори на својот мајчин јазик. Повеќе политичари Албанци, во разни прилики, па и на прес-конференции, го користеле тоа право и зборувале само на албански јазик. Имало такви ситуации кога новинарите Македонци се бунеле, барале превод, па дури и се договарале да не известиваат од тие настани. Како уредник, никогаш не сум ги поддржувал тие „побуни“.
Но, она што важи за секој политичар Албанец, важи и за секој политичар Македонец. Министерката Весна Јаневска има право да говори на македонски јазик и во Тетово и каде што сака и никој нема право да ѝ наложи да зборува на албански јазик, или да си носи преведувач.
Ова треба да е совршено јасно секому – двојазичноста на службено ниво не подразбира ни законска ни политичка обврска службените лица да ги познаваат двата јазика и да ги говорат зависно од тоа каде и кому се обраќаат.
Од тука натаму, дебатата за проблемите на двојазичноста мора да се води само на ниво на практичност. Што сакам да кажам со тоа? Јас ја разбирам потребата на колегите новинари од тетовските медиуми на албански јазик да добијат директна изјава од Јаневска на јазикот што најдобро го разбира нивната публика. Како да се реши тој проблем?
Убаво вели Џевдет Хајредини: освен Али Амети, ниеден друг Албанец нема можност да плати преведувач, за да може, како што може Ахмети, со Македонците и со другите граѓани на Македонија, службено или приватно, секогаш и секаде, да комуницира само на албански јазик. Ама истото важи и за сите политичари Македонци.
А решение, сепак, има. Благодарејќи на вештачката интелигенција, денес се широко достапни дузина апликации за квалитетен симултан превод од еден на друг јазик. Им препорачувам на колегите новинари од Тетово да си инсталираат такви апликации на своите смартфони и ќе можат самите симултано да преведат говор од било кој јазик на албански.
Како прилог кон процесот на дигитализација и како час по медиумска писменост, би ја охрабрил министерката Јаневска исто така да инсталира таква апликација и на првата следна прес-конференција самата да побара прашање на албански јазик и да „одговори“ на тој јазик.
Како и да е, со развојот на вештачката интелигенција, проблемот е решлив и на практично ниво. Секој може да си носи „преведувач“ во својот смартфон. Веројатно ќе изгледа малку смешно, па дури и глупаво, така да си преведуваме овде во Македонија, но ако некој инсистира на таа „кауза“, наместо да провоцира и да бара проблем таму каде што нема – ете му решение.
Останува уште еден аспект на прашањето на двојазичноста, за кој, се надевам, ќе дебатираме во иднина. Културолошкиот аспект. Македонскиот и албанскиот се убави јазици, а толку различни што претставува вистински предизвик да се изучуваат и од љубопитство, не само од потреба. Јас тоа го знам за албанскиот јазик, бидејќи многу одамна го учев, за жал многу кусо време. Се надевам дека многу брзо ќе дојде време кога ќе се создадат можности за факултативно изучување на албанскиот јазик во некои училишта, на курсеви за професионалци од разни области и слично.