НЕ ПРАВЕЛЕ ЦЕНЗУРА, „ИСКОПАЛЕ“ ВЕРЗИЈА БЕЗ ФАШИСТИ? Владата и Хорот на НОБ отфрлаат вина за „А бре, Македонче“

Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна со политичка позадина – одговорија од Владата и од Националната опера и балет.

2,811

Не постои цензура ниту каква било произволна измена на текстот на песната „А бре, Македонче“ на вчерашната изведба на прославата на 11 Октомври во Куманово, одговорија од Владата како и од Националната опера и балет (НОБ) на критиките кои се појавија во јавноста за изменетите стихови на оваа песна.

Вчера во Куманово, пред Спомен-костурницата на паднатите борци од Народно-ослободителната борба, на централната прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание, Хорот на НОБ при изведбата на македонската народна песна „А бре, Македонче“ наместо познатиот стих „нека разберат клетите фашисти македонско име нема да загине“, испеа стих „нека разберат душманите клети македонско име нема да загине“.






Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна со политичка позадина. На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизацијата на аранжманот, според нашите сознанија, е правена во доцните седумдесети, односно раните осумдесети години” – се вели во потполно истиот одговор што два различни портали (Мкд.мк и Сдк.мк) го добиле денеска од две различни институции, од Владата и од Македонската опера и Балет.

Заедно со одговорот, за кој е јасно дека потекнува од исто место, и двете институции приложуваат факсимил од аранжманот на композиторот Шуплевски, на кој се повикуваат во одговорот. Од факсимилот се гледа дека во аранжманот на Шуплевски стојат зборовите „душманите клети“.

Во најпознатата верзија на оваа песна, која е врежана во колективната меморија на Македонците, наместо за „душманите клети“ се пее за „клетите фашисти“. Во првата верзија на оваа песна, напишана од Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а со музика на Ордан Михајлоски – Оцка, „спорниот“ стих гласи поинаку: „Нека разберат денешните тирани“. Во подоцнежната верзија се пее: „Нека разберат клетите фашисти“.

Очигледно, песната има повеќе различни верзии на текстот, па останува прашањето зошто е „избрана“ токму оваа верзија на Шуплевски, и тоа од „доцните седумдесеттите или осумдесетти година“, во која токму зборот „фашисти“ го нема?

Ова не е првпат намерно или не да се испуштаат зборови и цели строфи во официјални државни пригоди, во кои исто така „мистериозно“ исчезнува спомнувањето на фашистите, нешто на што упорно инсистира соседна Бугарија. На прославата на 2 Август во Крушево, Хорот на МОБ изостави цела строфа при изведбата на револуционерната македонска песна „Во борба, македонски народе”. Изоставена беше строфата во која се пее за смелите партизани, кои се борат под знамето на Гоце Делчев: „Излеговме ние смели партизани / над нас на Гоце знамето се вее, во гори / полја и на сите страни / фашистичка крв насекаде се лее“.

Во 2019 година, на прославата на Дeнот на нeзaвиcностa на САД, организирана во американската амбасада во Скопје, Тамара Тодевска од химната „Денес над Македонија“ ги изостави стихот „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. Тамара подоцна ја презеде одговорноста за ненамерната грешка, но остана впечатокот дека химната е променета со намера да се изостават имињата на македонските револуционери кои Софија ги смета за Бугари.

Поврзани содржини