„НЕ ПОТРОШИВ НИТУ ДЕНАР НА КАФАНИ“ Герасимовски најави дека следната година општината ќе биде без долгови
Герасимовски се пофали со 13 милиони евра инвестиции во Центар и ветува уште посилен развој во нов мандат.
Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат во Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа се сретна со жителите на населбата Крњево каде што разговараше за проектите кои, како што најави, ќе се реализираат по локалните избори.
Герасимовски истакна дека најголем успех во изминатиот мандат е намалувањето на големиот долг што го наследил при преземањето на функцијата, а најави дека од следната година општината нема да има никакви долгови.
– Не потрошив ниту еден денар од граѓаните на Центар, потенцирам, ниту еден денар за патувања и за непродуктивни трошоци. Мислам дека сум единствен градоначалник во државата кој сите пари, повеќе од 2 милиони денари, ги пренамени за потребите на социјално ранливите граѓани – изјави Герасимовски.
Тој додаде дека сите одлуки што ги носел во изминатите четири години биле во интерес на граѓаните на Центар.
– Не делев, јас обединував. Не бегав од проблемите, јас ги решавав. Не седев во фотељата, туку бев на улиците и во домовите. Бев достапен и отворен за сите – нагласи Герасимовски.
Според него, во овој период во Центар се инвестирани над 13 милиони евра во различни проекти.
– Парите на граѓаните ги вративме кај граѓаните – за најдобрата градинка во Македонија, за најдобрите училишта во Скопје, за реконструкција на улици, за ранци, прибор и стипендии за учениците, за опрема за хигиена, за култура и спорт – рече градоначалникот.
Герасимовски порача дека во следниот мандат ќе продолжи со истата посветеност, со цел, како што истакна, Општина Центар да биде пример за развој и одговорно управување со јавните средства.