„НЕ ПОСТОИ ПОДАРЕНО ЗЕМЈИШТЕ, ИМА ГРЕШКА ВО ВНЕСУВАЊЕТО ПОДАТОЦИ, КОЈА Е КОРИГИРАНА“ Јанушев го пуштил СДСМ да се излизга со лажни обвинувања
„Останете така. Обвинителството има работа. А вие продолжете да измислувате и да се давите во барата“, порачува генералниот секретар на Влада Игор Јанушев до СДСМ.
„Со денови ги гледам оние трагикомични обиди на СДС и нивните докажани полтрони и сателити во политиката како отворено лажат и ме дискредитираат, како измислуваат и се прпелкаат. Толку изгледа бедно и мизерно нивното поведение, што совршено го отсликува мочуриштето во кое се потопени, а во кое царува политиката на ниски страсти, ниски удари и безидејноста која дава одговор зошто и 180.000 гласови кои ги освоија на последните избори, што е историски најслаб резултат на СДС, на наредните ќе биде недостижна граница затоа што ќе потонат уште подлабоко“.
Со овие зборови Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, одговори на обвинувањата од СДСМ дека добил на подарок имот вреден 325.000 евра, кои не ги пријавил во анкетниот лист на Државната комисија за спречување на корупција. СДСМ тврди дека фамозниот имот кој му бил подарен на Јанушев, е составен дел од зграда во најстрогиот центарот на Скопје, а во таа зграда стан имал и актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тошковски во зградата има стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни.
СДСМ бара да се огласат ДКСК и Јавното обвинителство, а најважно прашање, според опозициската партија, е како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски.
Во одговор на овие обвинувања, Јанушев на Фејсбук пишува:
„Ве пуштав да се излизгате. Прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една парапартиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче“.
Јанушев прво го демантира тврдењето на СДСМ дека имотот во неговиот анкетен лист бил енормно зголемен. „Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017 година“, вели Јанушев и додава:
„Второ, не постои никакво подарено земјиште. Има погрешно внесени податоци, за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично, владата на СДС&ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува.
Трето, 7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси. И кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?
Да не заборавиме дека само до пред месец и половина, тие беа баграта која водеше процеси, која судеа луѓе, обвинуваа и прогласуваа за виновни. Ова се криците на истите тие бандите кои нема да не поколебаат во намерата Македонија да ја вратиме на народот“.
Јанушев тврди дека во СДСМ се исплашени и кажува зошто:
„Затоа што, меѓу другото, како Генерален секретар на Владата, работејќи од 12 до 16 часа на ден, доаѓам до фрапантни сознанија. Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи. Паразити кои ја оставија Владата со затворен главен влез затоа што 2 години не ги сервисирале скенерите и полесно им било да го затворат влезот“.
На крајот на својата објава, Јанушев му порачува на СДСМ:
„Останете така. ОЈО има работа. А вие продолжете да измислувате и да се давите во барата“.