Не постои пасивна младина, туку пасивен систем

Оваа генерација не е пасивна и тоа е факт. Таа е само неиспровоцирана. Непредизвикана. Оставена на милост и немилост на трулоста на робустниот систем. Но, разбудете им го умот и ќе гледате како истите млади стануваат непобедливи.

35

Ако постои една фраза која ја слушаме премногу често, тоа е дека денешните млади се пасивни. Родители ја кажуваат, наставници ја потврдуваат, општеството ја прифаќа како општа вистина. А јас, после години работа со илјадници млади луѓе, ќе кажам нешто што веројатно ќе звучи контрадикторно за многумина, но за мене е апсолутна вистина: младите не се пасивни, туку системот кој ги „тренира“ е пасивен.

Секогаш кога некој родител ќе ми каже дека неговото дете „нема интерес“, „не знае што сака“ или „не се труди доволно“, на памет ми доаѓа едно исто едноставно прашање: кој им покажа со пример на тие млади деца што значи реално да се трудиш силно и напорно, во свет кој се менува со брзината на светлината? Тврдам дека не постои млад човек кој е природно мрзлив или апатичен, туку дека таквите стануваат незаинтересирани кога ќе почнеме да ги учиме, да ги „тренираме“ за иднината, во рамки што одамна се распаднати. Кога ги оценуваме со метрики што немаат врска со реалноста и кога од нив бараме да си ја градат својата иднина за 22 век врз образовни темели од минатиот век.






Токму затоа, оваа година преку „Средношколец Милионер“ добивме редок момент како општество, ретка можност вистински да ја видиме генерацијата што толку често ја потценуваат многумина, но не и јас, и нашиот образовен екосистем кој го градиме.

Средношколците кои учествуваа на овој натпревар за најдобри бизнис идеи не дојдоа „да си играат стартап“ или да „утепаат време“ бидејќи им било досадно дома. Тие дојдоа со развиени идеи што решаваат реални проблеми, изградија прототипи, направија кампањи, креираа брендови, а дел од нив веќе и имаат приходи за сопствените идеи. На 16 години.

Во моментот кога им дадовме реални задачи, рокови и предизвици, целиот филм дека младите се немотивирани, мрзливи, апатични се распадна за 24 часа. Буквално. Оваа генерација не е пасивна и тоа е факт. Таа е само неиспровоцирана. Непредизвикана. Оставена на милост и немилост на трулоста на робустниот систем. Но, разбудете им го умот и ќе гледате како истите млади стануваат непобедливи.

Ако треба искрено да кажеме зошто училиштата генерално тешко успеваат да ја отклучат нивната амбиција, одговорот е едноставен. Нашиот систем на образование е дизајниран во времето кога Гугл не постоеше, вештачката интелигенција беше научна фантастика, а „сонот“ за професионална кариера се градеше со тулите на кои стои изгравирано: „од 9 до 5“ во иста фирма триесет години.

Ама денешните млади живеат во свет во кој пазарот на труд се трансформира секој месец, најбараните професии не постоеја пред само пет години, најбараните професии пред пет години пак, денес се најмалку барани. Вештачката интелигенција веќе не е само алатка туку за некого може да биде и конкуренција, а креативноста, претприемништвото и адаптибилноста се новите основни предмети, новите најважни вештини. И за што да ги обвинуваме младите кои живеат во ова време, а во образовниот систем поради неговата робустност и интертност, учат во дух кој е одамна застарен? Сите концепти и идеи за реформи ги поздравувам и како образовен екосистем активно и со радост учествуваме во сите тие иницијативи, но гол факт е дека за тоа да има ефект, треба да помине доста време, во време кога времето е сѐ поскапоцено, бидејќи минува – пребрзо, со сите промени кои се случуваат. И во центарот на тие космички брзини на промени на реалноста, ги имаме нашите млади деца. Иднината на оваа земја. Означени како пасивни, мрзеливи, неактивни, незаинтересирани.

Не, луѓе. Младите не бегаат од работа, туку бегаат од бесцелна работа. Младите сакаат да создаваат, да решаваат проблеми, да градат нешто што има фактичко значење, па и профит. Да, на 16-17 години сакаат да заработуваат и тоа не што не е лошо, туку е најдобрата вест за секој родител.

Токму затоа нашиот Бреинстер образовен екосистем со академиите, АИ курсевите, академијата за талентирани средношколци и факултетот сме дизајнирани како реалистична реакција на неправилно поставениот систем со децении. Она што го правиме таму не е револуција, туку здраворазумски проактивен пристап – нашите дечки учат преку реални проекти, работат со ментори кои доаѓаат од индустријата, развиваат вештини кои пазарот ги бара денес, градат портфолио уште во средно, се насочуваат кон кариера врз база на способност, и дипломците фиксно добиваат работа. Ова не е луксузирање и покажување мускули, туку е неопходност ако сакаме младите да останат тука, да создаваат тука и да успеваат тука. И ние апсолутно веруваме во потенцијалот и капацитетот на нашите млади. Затоа сме и ние тука, а не сме го продале бизнисот на некој кој ќе штанца дипломи, додека ние живееме лагодно на некоја плажа до крајот на работниот век.

Да се вратам назад, на младите и на „Средношколец Милионер“. Од овој натпревар научив дека имаме генерација која не треба да ја будиме, туку да ја ослободиме. Овие луѓе не бараа полесен пат, туку да им се даде шанса. И им ја дадовме, како што некој ми ја даде мене пред 10 години кога започнував и кога повеќето на мене гледаа со скепса и стереотипи, додека јас гледав дека имам идеја која ќе носи промени. Промени за генерациите кои знаат да работат во тим, да учат брзо, да се менуваат уште побрзо и да донесуваат одлуки со зрелост што ретко ја гледаме кај возрасните. И, најважно, генерации кои ќе ја променат оваа земја многу побрзо отколку што институциите и оние кои формално ги образоваат се подготвени тоа да го признаат.

Ако сакаме Македонија да биде силна држава, мора да започнеме со силни средношколци. Не со ученици што знаат да изрецитираат лекција научена скоро на памет, туку со млади луѓе кои знаат да создаваат вредност. Младите не се пасивни. Тие само чекаат некој да престане да ги воспитува во минатиот век и конечно да им ја отвори вратата кон иднината. И кога таа врата еднаш ќе се отвори, ништо, ама баш ништо, нема да ги сопре да бидат рамо до рамо со најдобрите во светот.

Поврзани содржини