„НЕ ПОПУШТАМ ПРЕД РАДЕВ, НЕ ПРИФАЌАМЕ УЦЕНИ“ Европската иднина не смее да зависи од соседот, вели Мицкоски
Мицкоски открива дека барањата од Бугарија не завршуваат со уставните измени и најавува дипломатски чекори за заштита на македонскиот идентитет во Европскиот парламент.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вечерва во емисијата „Само интервју” на Телевизија Канал 5, говореше за односот на Бугарија кон македонските евроинтеграции, укажувајќи дека барањето за внесување на Бугарите во Уставот не е единствено – туку само почеток.
– Ајде да направиме, велам, еден обид, а тој обид е Европскиот парламент со мнозинство гласови да донесе одлука или резолуција, или ќе биде дел од извештај со којашто јасно ќе се признае македонскиот идентитет и јазик како посебен – рече Мицкоски.
Тој објасни дека тоа веќе се случило во рамки на извештајот на известувачот Вајц.
– Пред да помине на АФЕТ имаше една друга страна. Тогаш беше потребно не да се избрише од извештајот, туку да се избрише „сегашен“. Потоа дојде „модерен“ од одредена група на европратеници – вели Мицкоски.
Премиерот додаде дека уставните измени не се последната пречка на патот на Македонија кон ЕУ, како што тврди опозицијата.
– Она што можеше да го види Европа и светот е дека не е само промената на Уставот единственото нешто коешто треба да го направиме за да продолжиме. Впрочем, многу влијателни политички фигури во Бугарија тоа го кажуваат – истакна Мицкоски.
Според него, тврдењата на бугарскиот претседател Румен Радев дека единствениот услов е промената на Уставот – не се точни.
– Пред некој ден слушнав изјава од претседателот Радев во која што вели единствениот услов којшто треба да го направи Македонија е да го смени Уставот. Ние во Договорот за добрососедството немавме никаков услов. Потпишан е договор во којшто Бугарија треба да не поддржува во рамките на процесот на преговори и членство. Па добивме вето, затоа што ние не сме го исполнувале договорот и не сме ги испорачале малцинските права на бугарската заедница во Македонија – рече премиерот Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека Македонија нема да стане членка на ЕУ по секоја цена, затоа што овој народ и Македонија дале премногу изминативе повеќе од 30 години.
– Сите сме за ЕУ, и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Затоа што да беше ова прво нешто, нема никаков проблем ќе седневме ќе разговараме. Овој народ, и овие граѓани и оваа држава дала премногу како никој друг што не дал, и преку глава им е на граѓаните од таков тип политика, сега или никогаш, прозорецот е отворен, сега е моментумот, од Солана го слушаме – рече Мицкоски.
Претседателот на Владата, Мицкоски кажа дека, не се ова први измени што се бараат, тој потенцира дека се менуваше нашиот идентитет, од знамето до името, се тоа е дел од основните темелни вредности на еден идентитет, атрибути коишто го дефинираат идентитетот, истакнувајќи дека во минатото еден по еден овие атрибути се менувале, а за разлика од тогаш, сега тоа нема да биде случај.
– Тоа што сега го правиме ќе има влијае во иднината, и тогаш тие генерации ќе судат кој што правел и како прави – дециден е Мицкоски.