НЕ ПЕЕВ ЈАС, ТОА БЕШЕ КРИК НА РАЗОЧАРАНИ ЛУЃЕ Јакимовски се извини за вулгарниот текст (ВИДЕО)
Одмазда нема да има, такви работи веќе не ме интересираат. Секој што доживеал непријатност со песната го има моето извинување, рече Јакимовски вчера одговарајќи на прашања од граѓани преку неговиот профил на Фејсбук.
Новиот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски се извини за вулгарната изведба од страна на неколкумина млади луѓе на песната „Постела од рози“ од групата „Куку леле“ за време на приватна прослава по повод неговата победа на локалните избори во неделата.
– Јас не ја пеев песната „Постела од рози“ од „Куку леле“ со безобразните зборови. Не го држев јас микрофонот во раце. Во официјалниот дел сè беше коректно и во рамки на дозволеното. Јас бев на сосема друго место, но бев повикан на прославата која беше приватна, во еден кафе-ресторан, каде отидовме заедно со колегата Оливер Зафировски. Имаше млади деца кои од кога почна музиката од песната „Постела од рози“ ја пееја со вулгарната верзија. Јас текстот си го пеам онака како што е во песната, односно „Макар ме лаже, макар ме вози, за неа само постела рози“, која инаку е песна што многу ја сакам. Точно е дека не е пријатна содржината и кај обичните граѓани предизвикува непријатно чувство и мене ми е жал што такво нешто излезе во јавноста. Предизвикува вознемираност и јас се извинувам – рече Јакимовски вчера одговарајќи на прашања од граѓани преку неговиот профил на Фејсбук.
Тој објасни дека ги разбира луѓето кои пееле вулгарно затоа што биле избркани од работа, останале без егзистенција со бремени жени или со мали деца, и биле желни за одмазда.
– Момчето кое пее е едно од 130 луѓе кои во 2017 година беа избркани од општина Карпош. Тогаш неговата сопруга била бремена, после и со дете, само тој знае како преживуваше кога беше без работа особено во ковид кризата. Само тој знае како преживувал кога наоѓал работа во приватни фирми, а луѓе од општината му ја расипувале работата и секогаш бил бркан по неколку дена. Има и друго момче мој соработник, чија сопруга на денот на моето апсење имаше спонтан и го загуби детето. Пеењето е нивниот крик. Јас во тоа време немав сила да им помогнам, секако и немав сила да ги запрам кога пееја. Тие само пеат. Нормално песната е вулгарна, а тие се желни за одмазада. Но јас не сум. Одмазда нема да има, такви работи веќе не ме интересираат. Секој што доживеал непријатност со песната го има моето извинување – рече Јакимовски.