НЕ ОЧЕКУВАМ АЗИЛ ЗА ГРУБИ, ТОЈ Е НА ЛИСТАТА НА САНКЦИИ НА САД Осомничен е за криминал, не е политички бегалец
Не станува збор за бегство од политички причини, туку е нешто различно од политиката - сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе фобие азил, но, тоа е сепак одлука на тие земји што евентуално ќе влезат во таква процедура, рече денеска премиерот Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски не очекува дека бегалецот Артан Груби од ДУИ, кој е осомничен за проневера на милиони евра од Државна лотарија, да добие азил во некоја држава, доколку побара, затоа што тој не е политички бегалец, туку бега од правда.
– Лицето е на листата на санкции на САД и тоа јасно се наведни причините зошто е таму, поради основано сомневање за сторен криминал. Јавното обвинителство покрена истрага, а судот изрече мерка за претпазливост, односно притвор од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку е нешто различно од политиката – сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе фобие азил, но тоа е сепак одлука на тие што ќе влезат во таква процедура – рече денеска премиерот Мицкоски.
На прашање дали Владата ќе го донесе законот за рестриктивни мерки, кој предвидува казни за лицата што се нашле на црната листа на САД, Мицкоски одговори негативно.
– Оваа Влада нема да носи закони кои се спротивни на Уставот. Секогаш ќе работиме согласно со позитивните законски норми и со Уставот, кои за нас се клучни два столба. Во законодавството имаме предвидено мерки за овие лица. Она што е констатирано во одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде се опфатени овие имиња, судија на апелациски суд и член на владата, тоа е дел и од основаното сомневање на Јавното обвинителство во постапката протов нив. Имаме квалитетни процедури и во рамките на системот ова ќе го завршиме – рече Мицкоски.
Груби од пред десетина дена е недостапен за органите на прогонот. Тој избега од Македонија кога САД го ставија на нивната црна листата, непосредно пред да биде обелоденето дека МВР го сомничи за проневера.