Не нов Рамковен, туку нов Македонски договор? Не по врат, туку по шија!
Оној момент кога ќе влезат Бугарите во Уставот како конститутивен народ (!), ние Македонците ќе излеземе од него! Каде ќе одиме? На буништето на историјата...
Водачу на големата македонска опозиција, кај си се забрзал…?
Сопри се и суми се!
Сѐ почесто даваш недомислени, двосмислени и необразложени сомнителни изјави… па ги повлекуваш, па одново се навраќаш на нив… Откако го испрошета народов по улицине со бајраци и пароли, и го батали, се заврте кон референдум… И него го батали. Па сега, ќе сте го отповикале? Поништеле? Добрососедскиот… со 61 избран пратеник…?
А бре, си прајте бајрам со умот! Месеците поминуваат, а што сторивте? Последно ви беше идејата за некоја „тотална блокада“ на Собранието… И од тоа ништо.
Како Македонци, како партии од македонска опозиција, па и Македонците кои се на власт, не седнавте да се договорите и да заземете заеднички став како спротивставување на бугарската и албанската наезда. Еј! Бугарскиот договор си клизи по лентата. Исто и Тиранската платформа. Сето тоа додека вие се топорите кој да го води народот, се разбира, кон некоја светла иднина, за која немате поим како изгледа и по кој пат треба да се оди, за да се стигне до неа.
Свесни сте дека народот е сам? А сите вие кои ве споменав, зошто очекувате некој да ви предаде сошиен бајрак, а вие да го кренете и да марширате? Нема такво нешто. Сам што ќе си скроиш – тоа ќе си го вееш!
Во меѓувреме, апетитите и упорноста на Албанците дома и на Бугарите од надвор, нѐ заобиколуваат во двоен круг. Поединечно и заеднички ја користат нашата забеганост. Не смее така! Стоиме пред отворен амбис. Крајно време е – или рипаме во него како самоубијци, или ќе рикнеме со животински крик, ставајќи секому на знаење, дека – од сега натаму, Македонецот во својата држава не дозволува никој со него да се подигрува, духовно и материјално ограбува и потиснува!
Ти, Предводнику на македонската опозиција, како трговец сакаш да им угодиш и на едните и на другите, и на народот кој го предводиш?
Тоа не оди така. Ем да „тргнеш“ и ти како Намесникот по истиот пат за Европа, ем да правиш отстапки за мир во куќа, за осојузување во идна коалиција со албанска партија – Влада, која, како изгледа работава, нема во ништо да се разликува од сегашната, која сакаш да ја собориш…
Предводнику, многу си се затрчал… неориентирано! Или грешно од некаде си поучен? Сето тоа провидно и разочарувачки делува на збунетиот и изгубен, од вас политичарите, народ.
По се изгледа ти недостасува концепт за иднината на оваа држава и овој македонски народ, чија надеж си. Велам и потенцирам – македонски надеж. Треба да гледаш и да зборуваш во интерес на Македонците, пред сѐ! Исто како што Бугарите во нивните барања зборуваат само за бугарски народ и за неговиот интерес. Кај што има и еден Бугарин, тамо е бугарска земја – велат. И албанските партии зборуваат само за албански народ и само одат напред со барања за „унапредување на правата на Албанците“, а не отстапуваат од ниедно, вака или онака стекнато – доминантно, кое е на штета на твојот македонски народ и на македонската држава.
За бугарското барање да влезат во Уставот, не така одамна, рече: „Ако е тоа нивно последно барање – може!“. Без да го образложиш твоето предвремено аминување. Потоа се повлече и замолче, односно срамежливо најави „реципроцитет“. Потоа се замолче за да одново изјавиш – може, ако Европа гарантира дека е тоа нивно последно барање!!!
Бре мајката! Што правиш човеку? Каква Европа ќе ти гарантира, и за што? Европа не може (не сака) за ништо да ти гарантира. Таа сиротата не е гаранција самата за себе. И, со туѓи „гаранции“ не се оди напред…
Како сега одново се сложи да се отвори Уставот и да ги внесеш Бугарите? Пази – сите кога зборувате за внесување на Бугарите во Уставот, свесно „прескокнувате“ дека тие бараат да бидат внесени како народ, а не како малцинство. Знаеш зошто го бараат тоа? Распрашај се… А бараат и партија да формираат, ако се двајца без тројца. Знаеш тогаш од македонскиот парламент како ќе делуваат, и со кого ќе се усогласуваат, и за што?
При ситуација кога Бугарите не те признаваат во твојата држава како народ, јазик, историја… како ќе ги удостоиш со влез во нашиот Устав? Зар тоа не е прифаќање на сопственото игнорирање? Ако сам се игнорираш и сложуваш со таа туѓа погубност, каква гаранција бараш од надвор? Зошто немаш трунка од нивната настојчивост па да си упорен – прво, признајте нѐ како македонски народ во оваа македонска држава со сите атрибути, а потоа Пиринците како малцинство во бугарскиот устав, па спроведување на пресудите за правата на Македонците, па како рамноправни субјекти, да разговараме.
Во каква Европа брзаш да нѐ внесеш и какви, ако не се решат овие претходни, битни прашања?
Веќе имам пишувано за барањето на Бугарите и за настојувањето прво да бидат внесени во македонскиот Устав како народ, па после – по ред… Само ќе кажам, пак: Оној момент кога ќе влезат Бугарите во Уставот како конститутивен народ (!), ние Македонците ќе излеземе од него! Каде ќе одиме? На буништето на историјата…
Сакаш да нѐ внесеш во Европа и ќе го удоволиме бугарско барање, за да „не нѐ кочат“? Можно е тоа. Застани до Намесникот и двајцата со „агенди“ мавтајте ни пред очи и потепајте се кој да нѐ „внесе“ во Европа, ама како некој друг, а не како македонски народ и како македонска држава.
Месијата светски предлага нов Охридски договор меѓу Албанците и Македонците, за да го прошири стариот… и во Уставот да се изедначи службеноста на македонскиот и на албанскиот јазик, а со тоа да се озваничи организационата поставеност и делба на државноста!
Еееј! Знаеш ли што одобруваш и дали имаш право таков ветер зад грб, ти, да им издуваш и на Бугарите и на Албанците?
Знаеш дека Месијата истовремено го довршува спроведувањето на фашистичкиот бугарско-балистички план. Така? А еден збор не ве чув да го критикувате. Ниту за предавничката наша Историска комисија, со сѐ контролата над неа, главени од Месијата…
Тоа што Ти му велиш – не нов Рамковен туку нов Македонски договор – тоа по нашински се вели, не по врат туку по шија.
Зошто, бре, нови договори? Знаеш ли какви нови рани ќе отворат во ова наше поделено заедничко живеење? Албанските политичари имаат свој цврст и идеолошки заеднички став, од кој не отстапуваат и со кој одат напред. Ним им одговараат некои нови и нови договори… сѐ додека не се распадне државава и Македонците да нѐ снема.
Слушаш?
Минорните и без здив албански партии преку измеќарување по туѓи амбасади, како што велат – консултирање, сакаат со нивна милост да ни ја распарчат државата! Секој од нив се стреми да делува со заграбена „сила“ од ДУИ, кои сега, на сета ова ука – бука, бараат главниот обвинител да бил Албанец! Од нивната партија! Како што велат – да турат крај на борбата со криминалот?! Тешко нас….
Јасно е дека Албанците нема да се откажат за некое ново барање од Бадентер, Балансер… Охридскиот договор ни го подметнаа како Библија. Тоа е за нив голема придобивка со која го тероризираат Македонецот, преземајќи му ги власта и земјата. И како што ти одговорија – за европеизација на државата и чекорење кон европските вредности…
А ти, зошто го бараш тоа што знаеш дека не го добиваш, а се сложуваш да се удоволи нивно барање кое не е воопшто наивно… туку пат за нови делби и разделби, а не како што велиш, паушално – за ново и заедничко чекорење. Зар не се увери дека тие се заинтересирани само за себе? Дека не ни дадоа никаква братска поддршка и зазедоа спротивен – себичен и душмански став кога требаше да чекорат со нас и да ни помогнат? Што не е јасно тука?
Не можеш никаде да чекориш напред прифаќајќи ги туѓите, за нас погубни ставови, без изграден и промовиран и одобрен од народот – македонски национален став.
Сега, кога Македонците се вртиме во круг бележан од друг, кој е ставот на партијата? Камо обелоденета македонска идеолошка платформа, од која нема – еднаш вака, еднаш така да се комешкате, како ембриони во обвивка од пајажина.
Или, само така… ко Поречани у м’гла?