НЕ НОСЕТЕ ИМПУЛСИВНИ ОДЛУКИ ПРОТИВ КИНА Ванг Ји со остра порака до САД

Шефот на кинеската дипломатија од Минхен порача дека конфронтацијата со Кина ќе ги наруши глобалните синџири на снабдување и повика на продлабочување на соработката со ЕУ.

4

Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, на денешната Минхенска безбедносна конференција предупреди дека повиците од САД за дистанцирање од Кина се „импулсивни“ и можат да имаат сериозни последици врз глобалната економија.

Според Ванг, најдобар исход за односите меѓу Пекинг и Вашингтон е соработката, а не конфронтацијата. Тој го повика Вашингтон да води „позитивна и прагматична“ политика кон Кина.






– Другата опција е да се обидат да се дистанцираат од Кина, да ги нарушат синџирите на снабдување и да ѝ се спротивставуваат по сите прашања на чисто емотивен и импулсивен начин – посочи Ванг.

На маргините на конференцијата, кинескиот министер оствари средби со германскиот и францускиот колега, при што порача дека развојот на Кина претставува можност, а не закана за Европа.

Тој нагласи дека предизвиците со кои се соочува Европа не доаѓаат од Пекинг и повика на балансиран пристап во односите меѓу Европска Унија и Кина.

– Кина и Европската Унија треба правилно да управуваат со разликите и конфликтите, да ја продлабочат практичната соработка и заеднички да работат на справување со глобалните предизвици – истакна Ванг Ји.

Изјавите доаѓаат во период на засилени геополитички тензии и редефинирање на економските односи меѓу големите сили.

Поврзани содржини