НЕ НИ ТРЕБА ПОТВРДА ЗА ПОСТОЕЊЕТО, ТУКУ ЗА ВИСТИНСКИТЕ НАМЕРИ НА БУГАРИЈА Лековерните потписи на Заев, Димитров и Османи донесоа штетни последици

Ова веројатно немаше да биде воопшто потребно, ваквото трошење на ресурси, дипломатски, политички, државни, на оваа тема, доколку Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи, Бојан Маричиќ и другите лековерно не ги потпишаа Договорот за добрососедство и сите непотребни, би рекол и контроверзни анекси кои што ги надоврзаа на истио, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

230

Оваа состојба во која сега се наоѓа Македонија е резултат на потпишувањето на контроверзни анекси на Договорот за добрососедство со Бугарија од страна на СДСМ и ДУИ, вели пратеник во Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Тој се осврна на Извештајот од Европскиот Парламент и предлогот во него да се потенцираат македонскиот јазик и идентитет.






– Предлогот во ЕП не доаѓаше од македонски пратеници, туку од европратеник известител за Македонија, кој е пратеник од Австрија. Известителот проценил дека тоа би требало да биде дел од Извештајот. И од една страна на Комисијата за надворешна политика во ЕП тој предлог-извештај помина во почетната форма, а потоа видовме што се случи на пленарната седница – рече Милошоски во гостување на Сител.

Според Милошоски, трошењето на ресурси немаше да се случи доколку претставници и функционери на претходната влада на СДСМ и ДУИ не потпишуваа контроверзни анекси надоврзани на Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Нам не ни треба нечија потврда за постоењето. Нам ни треба само една потврда за вистинските искрени или скриени намери на соседна Бугарија. И да бидам уште појасен. Ова веројатно немаше да биде воопшто потребно, ваквото трошење на ресурси, дипломатски, политички, државни, на оваа тема, доколку Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи, Бојан Маричиќ и другите лековерно не ги потпишаа Договорот за добрососедство и сите непотребни, би рекол и контроверзни анекси кои што ги надоврзаа на истиот – вели Милошоски.

Тој додаде дека Владата има основана доза на скептицизам дали Бугарија ќе го прифати предлогот за заедничка резолуција во Европскиот Парламент. Скептицизмот, вели Милошоски, се темели на изјави дадени од страна на официјални лица на Бугарија, за кои рече звучат слично како изјавите на официјалните лица на Москва за самобитноста на украинскиот народ и јазик.

– Имаме основана доза на скептицизам, бидејќи изјавите на повеќе официјални лица на соседна Бугарија звучат слично како изјавите на официјалните лица на Москва за самобитноста на украинскиот народ и јазик. Во 21. век не би требало нормалниот човек тоа да го очекува, но, за жал, сè уште има рецидиви од минатото – рече тој.

Додаде и дека кога би биле во позиција на некоја од скандинавските земји, каде што нема негирање на самобитноста на еден народ и јазик, ние не би имале потреба од заедничка резолуција.

– Но, кога гледаме дека Бугарија дипломатски и политички атакува на самобитноста на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик ваквите иницијативи можат да бидат корисни. Има скептицизам дали ќе биде прифатено или не, доколку биде прифатено би било позитивно за Македонија, а доколку биде одбиено тогаш барем ќе знаеме на што сме, дали имаат искрени и чесни намери или задни намери. Наша обврска е да понудиме нешто разумно и аргументирано, нешто што ќе значи взаемна почит на македонскиот народ кон бугарскиот и обратно. Дали ќе биде прифатено или не, да почекаме во следниот период – рече Милошоски.

Тој додаде дека критиките се добредојдени од јавноста, но последиците се поради претходната власт, која го загрози идентитетот и самобитноста на македонскиот народ.

– Затоа прифаќаме критика и од академската фела, прифаќаме сугестии и од јавноста. Но, во секој случај, се обидуваме да поправиме одредени штетни последици, коишто настанаа како резултат на ваквите лесни потписи во име на државата, а коишто сега ги трпиме како штета на идентитетот и самобитноста на македонскиот народ и нашиот јазик – рече Милошоски.

Поврзани содржини