🎥 НЕ НИ ТРЕБА НОВ, ДА ГО ВРАТИМЕ СТАРИОТ, ДРЖАВОТВОРЕН СДСМ Создадовме перцепција кај граѓаните дека ние сме предавници, вели Александар Бајдевски

„Не ги послушавме и граѓаните, но и членовите на партијата, дека она што се заговара во врска со францускиот предлог и за промената на Уставот, нема да помине. Ние малку се подзаборавивме и се подзагубивме, а го изгубивме и другарството меѓу себе“, вели Бајдевски, кандидат за лидер на СДСМ, во поткастот на Плусинфо.

2,789

„Создадовме перцепција кај граѓаните дека ние од нешто се откажуваме, дека ние нешто предаваме, дека ние сме предавници. Се доведовме во ситуација дека сме се откажале од нашите идеали, дека сме се откажале од Гоце, дека сме се откажале од АСНОМ“.

Овие зборови се дел од анализата на Александар Бајдевски за причините на катастрофалниот пораз на СДСМ на изборите на 8 мај. Во поткастот на Плусинфо, Бајдевски, еден од четворицата кандидати за нов лидер, отворено зборува за фактот дека раководството на СДСМ не ги послушало и граѓаните, но и членовите на партијата, дека она што се заговара во врска со францускиот предлог и промената на Уставот нема да помине.






– Ние малку се подзаборавивме и се подзагубивме, а го изгубивме и другарството меѓу себе – искрено вели Бајдевски.

Тој смета дека не ни треба нов СДСМ, ниту дека на СДСМ му треба нов почеток, туку дека на СДСМ му треба едно враќање назад, но во идеолошка смисла. Додава дека СДСМ е државотворна партија и со пиетет говори за придонесот на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев.

Во интгервјуто со новинарот Бранко Героски, Бајдевски зборува за своето долгогодишно партиско искуство, за тоа како го замислува партискиот живот како иден претседател на СДСМ, како и за некои свои интересни идеи и иницијативи во економската политика.

Ова е второ интревју во кое Плусинфо ги претставува кандидатите за претседател на СДСМ, што ќе биде избран на изборите в недела на 30 јуни. Во поткастот на Плусинфо веќе гостуваше Славјанка Петровска, а утре (петок, 28 јуни) ќе гостува Јован Деспотовски. Венко Филипче ја одби поканата за интервју.

Поврзани содржини