ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГО ЛАПНЕ ХОЛИВУД Добро ни дојдовте машини за плагијаризам!

Во реалноста, она од што вистински треба да стравуваат писателите е дека би можеле да бидат заменети не целосно, туку за првата „варијанта“ на сценариото. Ова стручно се вика прв нацрт. Потоа тие би го преработувале она што вештачката интелигенција го намислила, а го научила читајќи илјадници сценарија од некој автор за да напише плагијат во таков стил.

881

Холивудските писатели со децении пишуваат научно-фантастични сценарија во кои раскажуваат како машините го преземаат светот. А сега, тие се борат да се погрижат роботите да не ги преземат нивните работни места. Тие самите велат дека се борат против „машините за плагијаризам“, пишува Ројтерс.

Нивниот голем протест во Холивуд покажува дека Холивуд не се плаши од Нетфликс, туку дека и Холивуд и Нетфликс ќе ги замени вештачката интелигенција.






Нивниот штрајк во понеделникот беше прв ваков прекин на работата во 15 години. Можеби сериите кои ги сакаме нема наскоро да имаат нови епизоди поради штрајкот?

Холивуд е „за“ вештачка интелигенција

А за што се борат писателите? Накратко, Здружението на писатели на Америка се обидува да ја ограничи употребата на вештачка интелигенција во пишувањето филмски и телевизиски сценарија.

Но, холивудските студија, кои се борат да ги направат услугите за стриминг профитабилни и се справуваат со намалувањето на приходите од реклами, ја отфрлија таа идеја, велејќи дека ќе бидат отворени за разговори за нови технологии еднаш годишно, според еснафот, пишува Ројтерс.

Што е најинтересно, прашањето за вештачката интелигенција е последна точка од барањата (според резимето на WGA) иако тоа буквално ќе ја одреди иднината.

Да не се учи од нашите сценарија, ниту пак ние да ѝ ги поправаме грешките

Сценаристот Џон Август, член на преговарачкиот комитет, рече дека писателите имаат две грижи во врска со вештачката интелигенција.

– Не сакаме нашиот материјал да ја храни (вештачката интелигенција), а исто така не сакаме да ги поправаме нејзините невешти написи – рече тој.

Но, не се само сценаријата во прашање. Вештачката интелигенција наскоро би можела да режира цели филмови. Во Холивуд, исто така, вештачката интелигенција помага да се избришат брчките од лицето на стареењето на изведувачот, да се исчистат оние места кога актерот пцуе, но и да се цртаат анимирани кратки филмови со помош на софтвери како Dall-E.

ВИ е добра, ама за тупави дијалози

А, само некои од писателите експериментираат со ВИ за да создадат сценарија.

– Се чини дека проблемот овде е што мислевме дека креативноста, сама по себе, е последниот бастион, линијата во песокот, што ќе ги спречи машините да заменат нечија работа – изјави Мајк Сејмур, ко-основач на Мотус Лаб на Универзитетот од Сиднеј.

Мајк кој има искуство во визуелни ефекти и вештачка интелигенција и се консултирал со неколку студија.

– Би рекол дека тоа е само некаква произволна идеја што ја имаа луѓето што ја привлече фантазијата кај луѓето.

Вештачката интелигенција може да им помогне на писателите да го скршат „феноменот на празно парче хартија, смета Сејмур. Според него, ВИ е добра во она што тој го опишува како „пантомима“ или произведува директен, тап дијалог, иако на таквиот дијалог му недостасуваат нијанси.

– Исто така, не тврдам дека вештачката интелигенција ќе стане супер интелигентна и ќе произведе сценарио од типот на, знаете, „Граѓанинот Кејн“, бидејќи тоа едноставно не е во ред – додава Сејмур.

Писателите ќе станат слабо платени уредувачи

Во реалноста, она од што реално треба да стравуваат писателите е дека би можеле да бидат заменети не целосно, но за првата „варијанта“ на сценариото. Ова стручно се вика прв нацрт.

-Она што (ВИ) може да го направи е да исфрли погрешно дело – рече Ворен Лејт, сценарист кој служеше како водител и извршен продуцент на драмата „Закон и ред: СВУ“ на Ен-Би-Си.

– Наместо да ве ангажираат да го направите првиот нацрт, (студијата) ќе ве ангажираат да направите втор нацрт, што се плаќа помалку – додава тој.

Значи, холивудските сценаристи би можеле да станат уредувачи на она што веќе го напишала вештачката интелигенција. Ем потешка работа, ем помалку платена.

Преку ноќ ќе се редат плагијати

Ова е една од причините што синдикатот на писателите предложи материјалот генериран од систем за вештачка интелигенција, на пример Чат ГПТ, да не може да се смета за „книжевен материјал“ или „изворен материјал“, онака како што во моментот тоа е дефинирано во нивните договори кои ги имаат со студијата.

Практично, тоа значи дека ако режисерот на студиото му даде на сценаристот скрипта генерирана од вештачка интелигенција за да ја ревидира, на писателот не може да му се плаќа помалку за работата.

Синдикатот тврди и дека веќе постоечките сценарија не треба да се користат за обука на вештачка интелигенција, бидејќи тоа би ја отворило вратата за кражба на интелектуална сопственост.

– Ова го нарекуваме „проблем на Нора Ефрон“ – вели сценаристот Џон Август, мислејќи на писателката на познати романтични комедии.

– Може да се замисли како едно студио тренира вештачка интелигенција на сите сценарија на Нора Ефрон за потоа да напише комедија во нејзин стил. Нашите предлози би го спречиле тоа.

Главната преговарачка на Асоцијацијата ВГА, Елен Штуцман, рече дека некои членови имаат друг термин за вештачка интелигенција – „машина за плагијат“.

Поврзани содржини