(НЕ)НАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА Пред секој натпревар да се упати порака до публиката да ги исклучи лошите мисли!
Можеби за почеток, пред секој натпревар, треба да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, вели претседателката Сиљановска Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го искажа својот став во врска со говорот на омраза на спортските натпревари преку објава на Фејсбук насловена „(Не)научена лекција“.
Нејзиниот став го пренесуваме во целост:
„Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа?
Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“.
И… поради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени.
Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили!
По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена.
Се разбира, првата лекција „како се навива“ се учи дома, а по неа се нижат други: во градинка, во основно, во средно, на факултет, во клубот, на натпреварот, во публиката.
Можеби за почеток, пред секој натпревар, треба да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна.
Да потсетам дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат поради нивниот неограничен домет.
Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, да го култивираме и да го облагородиме навивањето, да учиме и да научиме како се навива, односно како не се навива, да ја засилиме битката против предрасудите и судири меѓу „различните“, мора да се запознаеме и познаваме, мора да спречиме излив на омраза, да реагираме навреме, да лечиме дела од омраза, да ја санкционираме!
Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија!“