НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ НА ПРОВОКАЦИИ! Вучиќ теши дека ќе има доволно од сѐ во секое време
Србија не е во никаква војна, ниту ќе биде. Ќе има доволно храна, доволно бензин, доволно сѐ што ни треба во иднина, рече Вучиќ.
Во Србија синоќа на некои бензински пумпи се створија редици, а медиумите јавуваат дека е зголемена и побарувачката за намирници во продавниците. Владата на Србија објави дека „некој намерно шири паника и дека Србија нема проблеми со снабдувањето со деривати“, а денес се огласи и претседателот Александар Вучиќ, кој порача „да не се наседнува на провокации и дека ќе има доволно бензин и храна“, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ на својот Инстаграм профил им се обрати на граѓаните на Србија и им порача дека Србија ќе ги зачува мирот и стабилноста, како и да не наседнуваат на „трикови, глупости и провокации кои велат дека немаме доволно нафта, нафтени деривати, дека се проверуваат засолништата и дека нема да има доволно храна“.
– Србија не е во никаква војна, ниту ќе биде. Ќе има доволно храна, доволно бензин, доволно сѐ што ни треба во иднина – кажа Вучиќ.
Тој додаде дека „нема потреба никаде да се брза, нема потреба да се бара нешто посебно, однесувајте се нормално како и секој ден, затоа што ќе го зачуваме мирот и ќе гледаме како забрзано ќе напредува српската економија. Ви благодариме за почитта и вербата во српската држава“.
Во врска со ова денеска се огласија и од Министерството за рударство и енергетика со порака дека „државата обезбедила доволно од сите нафтени деривати и апсолутно нема потреба граѓаните да прават турканици на бензинските пумпи, како и да прават залихи на гориво.
– Нема ограничувања во понудата на деривати и доколку некоја компанија има воведено ограничувања во испораката, тоа е навистина недозволиво. Ќе побараме, согласно владината уредба, пазарната инспекција да го провери тоа – соопштија од ова министерство.
Синоќа пазарната инспекција на повеќе продажни места на нафта и нафтени деривати утврди прекршување на Законот за заштита на потрошувачите, каде трговците имаа истакнато соопштенија за лимитот на количините на продажбата.
– Во првата од контролите, извршена врз основа на пријавата која пристигнала на е-маил адресата во 22 часот, било утврдено дека малопродажниот објект истакнал соопштение за лимит во висина на продажба за патничките автомобили максимум до 20 литри, 50 литри за трактори и 100 литри за камиони, што е спротивно на член 25 став 1 од Законот за заштита на потрошувачите – соопштија од Министерството за трговија, туризам и телекомуникации.