НЕ МУ ПОМОГНАВ НА ПАЛЕВСКИ ДА СОБЕРЕ ПОТПИСИ ЗА ПАРТИЈА Тој е партиско-полициска инсталација на СДСМ, вели Мицкоски
Јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирањето потписи за регистрирање партија. Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот – рече Мицкоски.
Осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски Палчо е партиско-полициска инсталација на СДСМ која нанесува само штета на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи одредени теми – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ.
– Доколку ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, може да се дојде до заклучок дека тој претставува партиско полициска инсталација. Не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори и на прашањето дали и зошто се сретнал со Палевски.
– На таа средба и на средби со многу други личности кои што испраќале политички пораки, моето прашање било зошто и кои се аргументите да ги слушнам. Не сум слушнал аргументи, туку напротив стигна барање ВМРО-ДПМНЕ да помогне во собирање на граѓански потписи за да регистрира лицето политичка партија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не му помогнало на Палевски во собирање на граѓански потписи за да регистрира политичка партија.
– Нормално дека не. Но три-четири години потоа сведоци сме сите дека тој успеа да регистрира политичка партија под името „Десна“. И сега прашањето е кој му помогна – праша Мицкоски.
Тој додаде дека јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирање на потписи за регистрирање на партија.
– Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот – рече Мицкоски.