НЕ МУ ЧИНИ МЕРКАТА, ПА СЕ КАРА СО МЕТРОТО Зошто СДСМ ја оспорува анкетата на Маркет вижн и го напаѓа порталот МКД?
Рејтингот на премиерот Мицкоски е 25,4%, а на опозициионерот Филипче само 3,8%. На следните избори се очекува висока излезност од 64,4%, ВМРО-ДПМНЕ ќе собере 51,7 % од гласовите, а СДСМ само 10,9%. На Бихаќка владее нервоза поради анкетите. Порталот МКД му порача на СДСМ - ги објавивме сите споредби на резултатите на анкетите на Маркет вижн со резултатите на изборите и се покажа дека анкетите се точни во милиметар!
Откако истражувањето на порталот МКД, што го спровеведе агенцијата Маркет вижн, покажа дека премиерот Христијан Мицкоски ја има довербата на најголем дел од испитаниците со рејтинг од 25,4 отсто во споредба со рејтинг на лидерот на СДСМ Венко Филипче од минорни 3,8%, се огласи Бихаќка, со остар атак и врз порталот и врз агенцијата.
„Резултатите не им се по кејф, ама тоа не е прашање за нас или за агенцијата. Зошто се резултатите такви, треба сами да се запрашаат, а не да обвинуваат“, се вели во реакцијата на порталот МКД.
Во нападот на СДСМ врз порталот МКД, за Маркет вижн се тврди дека била „омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ, која уште од времето на Груевские е платена да ги манипулира граѓаните со лажни анкети и е повторно ангажирана, овој пат за сума од 400.000 евра народни пари“.
Според анкетата на Маркет вижн, чии бројки досега се поклопуваа од резултатите од изборите, на следните локални избори може да се очекува висока излезност (64,4%), а ќе победи ВМРО-ДПМНЕ со 51,7% од гласовите, додека СДСМ може да се надевам само на 10,9%.
Во анкетата на порталот МКД, меѓу другото, се вели дека повеќе од половина од испитаниците сметаат дека СДСМ сѐ уште не се исчистил од луѓето кои се вмешани во скандали и во криминални и коруптивни зделки.
Наспроти ова, најголем дел од испитаниците изјавиле дека забележуваат активности во борбата против организираниот криминал. Во градацијата на одговорите на прашањето за оценката за борбата против организираниот криминал, повеќе од 60 отсто од испитаниците сметаат дека борбата е интензивна и континуирана, дека има активности, ама треба повеќе и дека забележливи се активностите ама не се доволни. Негативен одговор на ова прашање дале 23,2 % од испитаниците.
Исто така, резултат што предизвикува нервоза на Бихаќка е и податокот од анкетата според кој две третини од испитаниците сметаат дека надлежните институции ефикасно се справија со последиците од трагедијата во Кочани, наспроти 35,3 % од испитаниците, кои велат дека одговорот на надлежните институции на оваа трагедија бил неефикасен. Повеќе од 70 % од испитаниците сметаат дека здравствените власти ефикасно се справија со големиот број на повредени во пожарот во Кочани. Процентот на незадоволните граѓани од здравствените власти е 21,8%.
Во одговорот на порталот МКД на нападот од СДСМ се вели:
„Речиси редовно на нашите анкети, оние на кои резултатите не им се допаѓаат реагираат – партии, кандидати, политичари, министри… И секогаш, ама баш секогаш, кога некои избори ќе завршеа, кога некој ќе победеше или изгубеше, споредбата на резултатите од истражувањето со случувањата на теренот беа безмалку еднакви. Така беше и за претходните локални избори, и за претходните претседателски, за парламентарните избор И редовно, барем во овие последни четири изборни циклуси, реагираше СДСМ, реагираа кандидатите за претседател на државата, обвинувајќи за некакви манипулации и нарачани анкети. И редовно, по завршувањето на изборите, споредбено им ги објавувавме резултатите од истражувањето со резултатите од гласањето и секогаш, речиси во милиметар резултатите се поклопуваа“.
ПОТРЕБНИ СЕ СМЕНИ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ДА СЕ СМЕНИ И ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ
На актуелното прашање за смена на Судскиот совет и на јавниот обвинител, мнозинството од испитаниците дале позитивен одговор. Околу половина од испитаниците сметаат дека треба да се смени Судскиот совет (50,3%), а нешто помалку, 45,7% сметаат дека треба да се смени јавниот обвинител. Негативен одговор на ова прашање дале околу 20 отсто од испитаниците.