НЕ МОЖЕТЕ ДА ГО ЗАБРАНИТЕ РУСКОТО ЗЛАТО Експерт вели дека тоа ќе ги урне берзите и ќе го девалвира доларот

Златните прачки секогаш можат да се стопат и одново да се пласираат на пазарот како продукт од друга рафинерија, вели поранешен трговец на Волстрит, имплицирајќи дека Русија заедно со Кина, Индија и Саудиска Арабија уште ќе можат да тргуваат со злато и покрај новите санкции на Западот. Во меѓувреме, тоа може дополнително да го поткопа доларот, кој е фиат-валута и самиот не е поддржан во злато, па дури и да доведе до негов колапс.

1,633

САД и Велика Британија се во заблуда дека можат да го санкционираат руското злато со тоа што пред неколку дена објавија дека го забраниле тргувањето со руски златни прачки. Според Мичел Фајерштајн, поранешен инвеститор на Волстрит, прачките можат лесно да се стопат, да се однесат во друга рафинерија и пак да се продадат под друг печат за со нив да се тргува, пишува РТ.

– Берзите и пазарите не прецизираат каде сте ја ископувале или рафинирале златната руда, ниту пак им е гајле. Да се докаже ова ионака би било невозможно. Единственото барање на купувачот е сертификатот за минимална анализа да потврди 0,995 чистота на златото и неговата точна тежина – вели тој.






Другата причина зошто санкциите нема да ја допрат Руската централна банка е што таа во случајот е купувач, а не продавач на злато. Според Фајерштајн, кој е автор на книгата „Планетата Понзи“ за пирамидалните шеми на Западот, санкциите како бумеранг ќе се вратат таму откајшто дошле.

– Санкциите се неефикасен и непрактичен инструмент бидејќи тие секогаш имаат несакани последици кои негативно влијаат на земјите што ги наметнуваат.

Фајерштајн, исто така, истакна дека сите златни санкции може и ќе бидат лесно заобиколени сè додека централните банки, вклучително и руската, имаат таканаречен „суверен имунитет“.

– Златото е валута повеќе од 6.000 години и секогаш ќе биде – вели Фајерштајн.

Ако се забрани златото, пропаѓаат берзите

Поранешниот банкар од Волстрит предупреди дека, ако Западот го забрани руското злато, тогаш западните берзи може да пропаднат, а цената на златото вртоглаво ќе порасне. Ова би било слично на неуспехот на силно манипулираните договори за никел на Лондонската берза за метали, што предизвика „неуспех на размената“ на никелот и огромни повици за ставање на маржа на цените.

– Сегашното лажно потиснување на цената на златото е гигантско во споредба со никелот и би предизвикало глобална финансиска криза или паника, што би било катастрофално – предупреди експертот.

Според Фајерштајн, Азија, Индија и Блискиот Исток најверојатно ќе ги игнорираат западните санкции кон Москва, бидејќи Вашингтон не може да знае, ниту да потврди, дали ќе има дополнителни трансакции со злато меѓу Русија и Кина, Иран, Индија, Бразил, Саудиска Арабија, ОАЕ или африканските држави.

Трите континенти „ќе се спротивстават или ќе ги игнорираат санкциите наметнати од Западот, забрзувајќи го крајот на доларот како светска резервна валута и продлабочувајќи ја поделбата меѓу Истокот и Западот“.

Крај на доларот, Русија и Кина со своја валута

Анализите на Фајерштајн одат дотаму што тој предвидува колапс на доларот.

– Уште од 2013 година, јас предвидувам дека должничката криза и недовербата кон Западот, која започна во 2008 година, ќе предизвика крај на хегемонијата на американскиот долар. Кина, Русија или Индија ќе лансираат нова валута поддржана и заменлива во злато, сребро, нафта или во пченица – рече тој, додавајќи:

– Во тој момент, фиат-валутите ќе станат безвредни, а американскиот долар ќе го изгуби статусот на резервна валута.

Бумеранг ефект

Санкциите секогаш имаат „бумеранг ефект“, заклучува Фајерштајн.

– Всушност, во моите четири децении во глобалните финансии, не се сеќавам на ниту еден случај кога санкциите биле успешни.

Тој укажа на несаканите последици од „руските санкции“, како што се рекордно високата инфлација во светот во цените на енергијата и храната, недостигот на храна и гладот во Африка, огромните долгови што не можат да се вратат, омаловажувањето на валутата или девалвацијата (крадење на содржината на среброто во римски сребрени монети), масовната цензура, напуштање на правилниот процес и владеење на правото „и во најдобар случај, глобална економска рецесија или во најлош економска депресија“.

Поврзани содржини