Не можеш со сила да им дадеш на Грците

Може ли Грција да издејствува одложување на роковите и да ни рече: „Во ред, меѓународен договор е, известени се сите земји во ЕУ, но само во Грција ќе ви биде дозволено да влезете со стар пасош“. Толку ли е тешко? Дури и по цена на лепење налепници со „Северна“ во старите пасоши. Оти, ако функционираат лепенките на регистрациите на возилата, зошто да не функционираат во пасошите?

5,423

Ова лето, многу Македонци ќе останат далеку од плажата и морето, не поради пандемијата, не поради финансиската криза, туку поради бирократска пречка.

Според меѓународниот договор за промена на името на нашата земја, сите македонски државјани кои сакаат да патуваат во Европска Унија, вклучувајќи го и нашиот јужен сосед Грција, треба да имаат пасош со новото име „Северна Македонија“. Овој рок истекува на 12 февруари 2024 година, а сè уште има голем број граѓани кои не успеале да ги променат своите лични документи.






Зошто е тоа така? Постојат повеќе фактори кои влијаат на оваа ситуација. Прво, процесот на издавање нови пасоши е бавен и комплициран, со долги редици и чекања во пунктовите за фотографирање. Второ, многу луѓе не се свесни за рокот или не го прифаќаат новото име на земјата и се надеваат дека ќе се најде друго решение. Трето, многумина не сакаат нови пасоши, бидејќи истите тие луѓе уште лани или преклани платиле за нов документ, ама без нивна вина добиле пасош без „Северна“.

Македонските власти побараа од Грците да се смилуваат и да го продолжат рокот за промена на пасошите, но од Атина добија одговор дека сите земји во ЕУ веќе се информирани за постигнатиот меѓународен договор и дека по 12 февруари ниту една земја нема да дозволи влез на македонски државјанин без „Северна“ во пасошот.

Сето ова значи дека многу Македонци ќе бидат принудени да ги откажат своите планови за летување во Грција, која е една од најпопуларните и најблиски летни дестинации за нас.

Но, дали во име на пријателството Грција сепак може да направи нешто? Ако Грците толку многу се држеа до правилата и до обврските кои произлегуваат од меѓународниот договор, досега ќе ги променеа и сообраќајните табли и патоказите на автопатите на коишто сѐ уште не го пишува името на нашата земја, зарем не?

Постои ли механизам со кој Грција ќе ја спаси туристичката сезона ако се има предвид дека најголемиот дел од нашинците летуваат во оваа земја? Ќе си дозволи ли Грција да загуби дел од своите редовни муштерии само поради тоа што во пасошите не им пишува „Северна“?

На крајот на краиштата, во прашање беше само одложување на процедурата за неколку месеци, а тоа значи дека истите тие туристи веќе од следната есен ќе имаат нови патни исправи со новото државно име.

Може ли Грција да издејствува одложување на роковите и да ни рече: „Во ред, меѓународен договор е, известени се сите земји во ЕУ, но само во Грција ќе ви биде дозволено да влезете со стар пасош“. Толку ли е тешко? Дури и по цена на лепење налепници со „Северна“ во старите пасоши. Оти, ако функционираат лепенките на регистрациите на возилата, зошто да не функционираат во пасошите?

До пред некоја година, пред да биде склучен Договорот во Нивици, на југ одевме со најобичен лист испишан на грчки јазик, се сеќавате? Значи, можело да се најде решение кога се сакало. Зошто не и сега?

Ова не е само прашање на бирократија, туку и на човекови права и слобода на движење. Македонските граѓани не треба да бидат казнети за нешто што не е нивна вина, туку е резултат на политички компромиси и притисоци.

Грција има шанса да покаже дека е искрен сосед и партнер, кој ги цени и ги почитува своите пријатели. Грција има нова шанса да биде дел од решението, а не дел од проблемот. Грција има шанса да си ја спаси туристичката сезона.

Поврзани содржини