„НЕ МОЖЕМЕ СО АВТОБУСИ ДА ГО РЕШИМЕ ХАОСОТ“ Ѓорѓиевски најави градски воз и ревидиран БРТ проект за Скопје
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 најави брзи активности за решавање на сообраќајниот хаос и подобрување на јавниот превоз.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва гостуваше во дебатната емисија „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, каде што најави дека функцијата градоначалник ќе ја извршува транспарентно и во интерес на граѓаните.
– За 72 часа, мојот план е целата механизација од Град Скопје, во соработка со општините, бизнис заедницата и граѓаните, да започнеме една темелна акција која ќе го врати сјајот на Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека приоритет ќе бидат проектите кои обезбедуваат чист, ефикасен и функционален градски превоз, како и решавање на сообраќајниот метеж кој со години го мачи главниот град.
Ѓорѓиевски најави ревидирање на БРТ проектот и воведување на градски воз како дел од интегриран транспортен систем кој треба да обезбеди побрз и полесен пристап до сите делови на градот.
– Во мојата програма предвидуваме модернизација на пругата Зелениково – Ѓорче Петров како прва фаза. Потоа ќе следува проширување до Аеродром и Петровец, како и дополнителен крак до Карпош. Тоа ќе биде проект на Министерството за транспорт, кој како Град Скопје целосно ќе го поддржиме – појасни Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека метро-системот е прескап за македонските услови, па затоа приоритет ќе бидат реални и изводливи решенија кои ќе го намалат бројот на возила на улиците.
– Ние мораме да им дадеме на граѓаните ефикасна алтернатива надвор од автомобилите. Со автобуски превоз не може целосно да се реши хаосот, но со воз и подобра организација – да – додаде Ѓорѓиевски.
На крајот од интервјуто, тој ги повика граѓаните да излезат на гласање во недела и да му ја дадат поддршката за, како што рече, „час поскоро да започнеме со решавање на проблемите во нашиот град“.