„НЕ МОЖЕ КРЕАТОРИТЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ НА КУМАНОВО СЕГА ДА СЕ СПАСИТЕЛИ“ Осум години ЗНАМ го ослободува градот од СДСМ, вели Димитриевски
Му благодарам на Мартин што во текот на оваа кампања ми направи бесплатна реклама споменувајќи ми го името три-четири илјади пати, за што ќе му дадам благодарница по изборите. Сакам да кажам, не може луѓето околу Костовски, што го протежираат него и се креатори на сите проблеми со кои се соочува Куманово, сега да се јават во улога на понудувачи на решение, изјави лидерот на ЗНАМ во жестока дебата со противкандидатите.
„Куманово беше заробено во минатото од грст луѓе кои буквално го опустошија, а ништо не направија за барем малку да ја променат сликата за Куманово на подобро. Спротивно ние – јас и мојот тим во последните осум години ја ослободуваме Општината од стегата на овие луѓе, кои сега сакаат да се јават во улога на ‘спасители“.
Вака истакна лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, на последното телевизиско соочување со противкандидатите пред првиот круг на избори в недела.
На жестоката дебата која се водеше пред публика во Занаетчискиот дом во Куманово и која на моменти наликуваше на лична пресметка на противкандидатите со Димитриевски, тој посебно му се заблагодари на опонентот Мартин Костовски од СДСМ, велат од ЗНАМ.
– Му благодарам на Мартин што во текот на оваа кампања ми направи бесплатна реклама споменувајќи ми го името три-четири илјади пати, за што ќе му дадам благодарница по изборите. Сакам да кажам, не може луѓето околу Костовски, што го протежираат него и се креатори на сите проблеми со кои се соочува Куманово, сега да се јават во улога на понудувачи на решение – изјави Максим Димитриевски.
Тој го потенцираше, како што изјави, моментот на напредокот на Општината во текот на последните осум години откако е градоначалник. Димитриевски спомна дека во десетина и повеќе населени места немаше еден метар асфалт, додека, како што рече, во моментов над 90 отсто во тие места е асфалтирано.
– Има уште многу работа, но тоа е и обврска на градоначалникот, да работи во интерес на граѓаните – вели лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски најави нови сообраќајници и кружни текови, зголемен опфат на градење на инфраструктурата, водоводна, канализациска и гасоводна. На прашање од публиката за пристапноста во градот – , по улиците, до работните места, градинките, продавниците, за лица со посебни потреби, Димитриевски одговори дека максимално се посветени за подобрување на условите и за оваа категорија граѓани и тоа е видливо со голо око.
Што се однесува до локалната економија, Димитриевски рече дека е особено горд на инвестицијата од 115 милиони евра од Лидл и го демантираше противкандидатот дека таа е донесена кога СДСМ била на власт.
– Со неа, со уште неколку други, вработени се стотици наши сограѓани. Помагаме и на домашните бизниси под еднакви услови како и на странските да се развиваат, даваме поддршка и за млади претприемачи, работиме за создавање на логистика за нови бизниси. И, како резултат на сето тоа – во моментов Куманово и неговата индустриска зона „Новина и Речици“ е најатрактивно место за инвестирање не само во Македонија туку и пошироко – рече Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ потоа зборуваше за иднината на Куманово.
– Затоа не се согласувам дека Куманово нема перспектива. Работиме секојдневно и интензивно, доказ се 800 проекти за осум изминати години. Не е така црно, како што некој упорно се обидува да прикаже. Куманово е, слободно може да речам, еден од најперспективните градои не само во државата туку и во југоисточна Европа особено со изградбата на Коридорите 8 и 10. И, Куманово ќе продолжи да се развива и да се менува – дециден беше Димитриевски.