НЕ МОЖЕ ДА СКОКАШ ПО КРСТОТ АКО ПРЕТХОДНО НЕ СИ СКОКАЛ Водици годинава само со покани
Во текот на изминатата недела ние неколкупати исконтактиравме со МПЦ-ОА, но нивниот став беше дека поради коронавирусот не треба да се организира манифестацијата. Но, денеска ни се јавија и нè информираа дека се предомислиле и дека сепак ќе има манифестација, велат од Град Скопје за Плусинфо.
Поглаварот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, в среда, на празникот Богојавление-Водици, ќе го фрли крстот во водите на реката Вардар, но по него ќе скокаат малкумина скопјани кои биле избрани меѓу оние што во изминатите години се пријавувале. Годинава тие биле директно повикани да учествуваат во манифестацијата, бидејќи било решено да не се објавува јавен оглас за пријавување.
Ова за Плусинфо го изјави шефот на Кабинетот на архиепископот, презвитер Бобан Митевски, кој истакна дека годинешната празнична манифестација ќе биде различна во споредба со годините пред да се појави пандемијата со коронавирусот.

Како што истакна Митевски, чинот со фрлањето на крстот во реката Вардар со сигурност ќе се изврши, но дека нема да има повик за пријавување верници кои ќе сакаат да скокаат по крстот, туку, како што објасни, селекцијата на неколкумината капачи ќе ја изврши црквата врз основа на базата на податоци со имиња на луѓе кои во изминатите години се пријавувале да учествуваат на манифестацијата.
Ваквата промена, појасни тој, е со цел да не се создава метеж и да не се нарушат мерките за заштита од коронавирусот.
– В среда, на празникот Водици, ќе се изврши чинот со фрлањето на крстот во водите на реката Вардар, но не се официјализира настанот поради мерките за заштита од коронавирусот. Церемонијата ќе се одвива на Камениот мост во центарот на главниот град и ние сме во постојана комуникација и во координација со Град Скопје. Сè е организирано и со останатите институции, а информирани се и екипите на Брзата помош, Противпожарната бригада, на Црвениот крст… Но, за разлика од претходните години пред пандемијата, овојпат нема да има повик за пријавување на верници кои сакаат да пливаат по крстот, туку селекцијата за тоа кој ќе плива по крстот ја правиме ние врз основа на базата што ја имаме со имиња на верници кои во изминатите години скокале по крстот. Ние веќе спроведовме анкета и ги прашавме луѓето дали повторно сакаат да скокаат по крстот, а целта е да не биде огромен бројот на капачи за да не се направи метеж во реката – изјави свештеникот.
На прашањето дали ќе му биде доделена награда на оној во чии раце ќе заврши светиот крст, тој вели дека протоколите не предвидуваат награди, но дека не може да им се забрани на спонзорите и на институциите доколку имаат желба да му доделат подарок на најсреќниот скопјанец.
– Ние ги укинавме наградите, но доколку некој спонзор или институција сака да му додели награда на човекот кој го фатил крстот, ние немаме ништо со тоа. Но, протоколарно не е предвидено да се доделуваат награди – објасни Митевски.
Од Град Скопје, пак, велат дека токму денеска добиле информација од МПЦ-ОА дека ќе се одржи манифестацијата за празникот Водици.
– Во текот на изминатата недела ние неколкупати исконтактиравме со МПЦ-ОА, но нивниот став беше дека поради коронавирусот не треба да се организира манифестацијата. Но, денеска ни се јавија и нè информираа дека се предомислиле и дека сепак ќе има манифестација. Ни соопштија дека сè е организирано од нивна страна и нè замолија на манифестацијата да присуствува и градоначалничката Данела Арсовска. Така што, градоначалничката ќе биде присутна, а Град Скопје ќе му додели православна икона на скопјанецот кој ќе го фати крстот. Во текот на денешниот ден очекуваме МПЦ-ОА да ни испрати информации за тоа како и по кој редослед ќе се одвива манифестацијата – велат од Град Скопје.
Повик до граѓаните кои се заинтересирани за учество во одбележувањето на празникот Водици денеска испрати Општина Кисела Вода, од каде што соопштија дека крстот ќе се фрла во базенот „Расадник“.
„Од оваа година се возобновува традицијата за фрлање на чесниот крст, како дел од прославата на Водици. Настанот ќе се одржи во базенот Расадник, во среда, на 19 јануари 2022 година. На фрлањето на крстот, закажано за 12 часот, ќе му претходи божествена литургија. За најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст e предвидена парична награда од градоначалникот на Општина Кисела Вода, во износ од 12.000 денари, како и апарати за домаќинството обезбедени од донатори-спонзори“, се наведува во повикот.
Денеска и Општина Охрид соопшти дека сè е подготвено за традиционалното одбележување на празникот.
„Точно во 10 часот од Светилникот на пристаништето, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј ќе го положи светиот крст во водите на Охридското Езеро. По положување на крстот и осветување на езерската вода, точно напладне кај Сараиште ќе се одржи свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат. Поради пандемијата со коронавирусот, годинава нема да се служи традиционалната рибја чорба, а на 20 јануари не е предвидено официјално организирање на Денот на рибарите“, соопшти Општина Охрид.
Поради пандемијата со коронавирусот, лани во Скопје не се организараше манифестацијата фрлање на светиот крст.