„НЕ МОЖАМ ПОВЕЌЕ ДА ГО ПОДНЕСАМ ОВА“ Протекоа пораки меѓу поранешниот принц Ендру и сексуалниот престапник Епштајн

„Што е ова? Не знам ништо за тоа! Мора да го кажете, ве молам. Ова нема никаква врска со мене. Не можам повеќе да го поднесам ова“, му пишал Ендру на Епштајн откако медиум му најавил дека наскоро ќе почне да обкавуваа текстови за неговата врска со Епштајн и Максвел.

478

Поранешниот британски принц Ендру Маунтбатен-Виндзор им рекол на Џефри Епштајн и на Гислејн Максвел: „Не можам повеќе да го поднесам ова“, кога првпат бил предупреден пред 14 години дека британски таблоид ќе објави статија за нив тројцата, објави Би-Би-Си.

Неговата електронска преписка со американската двојка е објавена вчера, меѓу документите од оставштината на осудениот сексуален престапник Епштајн, во кои, исто така, се споменува и американскиот претседател Доналд Трамп.






Поранешниот принц реагирал откако му бил проследен мејл со право на одговор, што медиумот Мејл он сандеј го испратил до Максвел во март 2011 година, кој изнесе низа тврдења за Ендру.

Според протечените документи, Ендру одговорил: „Што е ова? Не знам ништо за тоа! Мора да го кажете, ве молам. Ова нема никаква врска со мене. Не можам повеќе да го поднесам ова“.

Најновата објава на комуникацијата доаѓа откако демократите во американскиот Конгрес го замолија Ендру да одговори на прашања како дел од истрагата за Епштајн, кој умре во затвор во 2019 година, додека чекаше судење по обвинението за трговија со малолетници.

Демократот Сухас Субраманјам од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом изјави за Њузнајт дека Ендру сè уште не одговорил на поканата за сведочење.

– Нема потреба да дојде со авион, тој може да сведочи од далечина – рече конгресменот.

Вирџинија Џуфре, една од најистакнатите сведоци што го обвинија Епштајн, тврдеше дека имала сексуални односи со поранешниот принц Ендру 3 пати како тинејџер. Ендру ги негираше сите обвиненија и постигна вонсудска спогодба со Џуфре во 2022 година. Спогодбата не вклучуваше признание на вина или извинување.

На Ендрју на почетокот на овој месец му беа одземени сите титули, откако постхумно објавените мемоари на Џуфре го пренасочија вниманието на неговите врско со Епштајн и Максвел.

Демократите во Надзорниот комитет, исто така, објавија три мејлови од имотот на Епштајн во кои се споменува претседателот Трамп во препискатата меѓу Епштајн и Максвел, која отслужува 20 години затвор за трговија со луѓе.

Тие, исто така, објавија е-пошта меѓу Епштајн и писателот Мајкл Волф, автор на неколку книги за Трамп. Во мејл од април 2011 година, Епштајн ѝ пишува на Максвел дека Трамп поминал часови во неговиот дом со лице чие име е редактирано.

„Се надевам дека разбирате дека Трамп е куче кое не лае… (Името на личноста) помина часови во мојот дом со него“, напишал тој.

Белата куќа потоа соопшти дека редактираната „жртва“ е Џуфре, која изврши самоубиство претходно оваа година. Во соопштението се вели дека Џуфре „постојано изјавуваше дека претседателот Трамп не бил вмешан во никакво лошо дело и дека бил исклучително љубезен кон неа во кратките средби“.

Џуфре во 2016 година сведочеше дека никогаш не го видела претседателот да се вклучува во каква било злоупотреба. Нејзините мемоари, објавени оваа година, не тврдат дека Трамп направил какво било кривично дело.

Неколку часа по објавувањето на пораките, републиканците објавија илјадници дополнителни документи, тврдејќи дека демократите „селективно ги одбрале“ материјалите за да „создадат лажен наратив против претседателот Трамп“.

Кратко потоа, новоизбраната демократска конгресменка Аделита Гријалва потпиша петиција која собра доволно потписи, за да изгласа повик од Претставничкиот дом до Министерството за правда да ги објави сите досиеја на Епштајн. Канцеларијата на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, соопшти дека гласањето ќе се одржи следната недела.

Најновите документи фрлаат нова светлина врз врската на поранешниот принц Ендру и Епштајн. Во еден мејл, Епштајн потврдува дека фотографијата на Ендру како стои со раката околу Џуфре, тогаш 17-годишна, е вистинска.

 

Фото: Принтскрин

 

Во преписка со новинар од јули 2011 година, Епштајн напишал: „Да, таа беше во мојот авион и да, се сликаше со Ендру, како и многу мои вработени“.

Ендру во интервју за Њузнајт во 2019 година рече дека не се сеќава на фотографијата и посочи дека можеби е лажна. Е-поштата е разменета четири месеци по истрагата на Мејл он сандеј за Максвел, на 4 март 2011 година.

Во е-поштата се наведува дека жената, чие име е редактирано во објавените документи, се сретнала со Ендру во 2001 година во домот на Максвел во Лондон, каде што имала секс со него.

Мејл од сандеј понатаму тврди дека масерката и друго девојче биле принудени да седат во скутот на Ендру во станот на Епштајн во Њујорк и дека тој ги допирал.

Исто така, се тврди дека Максвел ѝ кажала на една од девојките дека мора да има секс со Ендру и дека била испратена да учествува во оргии со него на Литл Сент Џејмс – приватниот остров на Епштајн на Карибите. Одговор бил побаран до пладне следниот ден.

Се чини дека е-поштата е испратена до Максвел преку нејзиниот агент, потоа препратена до Епштајн, а потоа на рдактирана адреса означена како „Војвода“.

Во недела, на 6 март 2011 година, кога Мејл он Сандеј објави сторија со фотографијата на Џуфре, Епштајн му напишал на „Војводата“: „Дали си добро? Овие приказни се целосна и апсолутна фантазија“.

Во е-пошта до раководител на пи-ар во јули истата година, Епштајн напишал: „Девојката што го обвини принцот Ендру лесно може да се докаже како лажливка. Мислам дека Бакингемската палата би го сакала тоа. Тие треба да имаат некој да ја истражи девојката Вирџинија Робертс, која ги создаде сите овие проблеми за синот на кралицата. Ви ветувам дека е измамничка. Вие и јас можеме да одиме во Аскот до крајот на нашите животи“.

Документите, исто така, откриваат дека лордот Питер Манделсон имал контакт со Епштајн до 2016 година. Последниот познат контакт бил кога Манделсон, тогашен бизнис секретар, побарал совет од Епштајн за банкарски договор во 2010 година, само неколку месеци откако Епштајн бил ослободен од затвор.

Новите документи вклучуваат е-пошта од Епштајн до Манделсон на 6 ноември 2016 година, испратена кратко по неговиот роденден: „63 години. Успеавте.“

Манделсон одговори помалку од час и половина подоцна: „Едвај. Решив да го продолжам животот со тоа што ќе поминувам повеќе време во САД.“ Епштајн одговорил: „Во Белата куќа на Доналд“, осврнувајќи се на претседателските избори таа недела.

Манделсон беше отстранет од функцијата британски амбасадор во САД во септември поради неговите врски со Епштајн, откако се појавија мејлови што покажуваа дека му испраќал пораки за поддршка по изјаснувањето за виновен за сексуален однос со малолетно девојче во 2008 година. Манделсон, кој постојано повторуваше дека се кае за својата врска со Епштајн, одби да коментира за новите документи.

Поврзани содржини